Се рекламира како „најзабавниот и најбескорисниот водич за самопомош“, а се состои од совети за тоа како да се изведат неверојатно сложени, преамбициозни и опасни зафати, такви што никој нормален не би се нафатил на нив. Новата книга на Рандал Манро, како и досегашното негово творештво, е на граница на сатира, но базирано на наука - доволно за забавниот пристап да е истовремено и научно-популарен.
Во новата книга која излезе денес, 3 септември, цртачот на xkcd објаснува како да се направи селфи со телескоп, како да се премине река со тоа што таа ќе се зоврие, и тврди дека може да направи метеролошка прогноза според пикселите на вашите Фејсбук фотографии. Правејќи некаква карикатура од одреден проблем, тој преку паметни инфографици и забавни илустрации всушност ги испитува границите на науката и на технологијата.
Во извадок од книгата кој се појави на Wired, тој ги дискутира можностите за испраќање пакет од вселената, со нацрти за заштита на истиот од прегревање кога ќе влезе во земјината атмосфера, и објаснување зошто е добро да го фрлиш пакетот од вселенското летало со поголем „залет“ (ако веќе се одлучиш за овој начин за достава на пакет до некој на земјата). Плус тука е проблемот на адресирањето, јазикот на кој тоа е добро да се направи, и колку детали да се стават, со оглед на тоа што не се знае точната локација каде пакетот би се приземјил.
И не е нелогична тема, за некој по кого е именуван астероид.
Види претходно: Букбокс читанка за xkcd