Лоцирано во населбата Коенџи во Токио, едно кафуле има необична стратегија. Се примаат само муштерии кои се фокусирани на пишување - преводи, сценарија, цртање манги или факултетски задачи - и во согласност со рокот кој самите ќе си го постават се терани истото да го завршат.
Посетителите на влез пополнуваат картичка во која ја наведуваат својата цел (на пример да завршат поглавје од книга за превод во рок од шест часа), при што можат да одберат помеѓу „лежерно“, „нормално“ и „напорно“ темпо. Врз основа на тоа вработените или менаџерот на секој час љубезно ги прашуваат до каде се, истовремено вршејќи нежен притисок. Но излегување од кафулето без завршена работа нема, барем не до неговото затворање, кое знае да биде и рано наутро бидејќи во склоп на кафулето работи и студио за снимање и емитување радио програма. За секој половина час надминување на престојот се плаќа 150 јени (нешто над 1 долар).
Како што е прикажано во видеото, кафулето е релативно мало но удобно, опремено со сите нешта потребни за човек да си донесе лаптоп и да работи на раат. Има и бесплатни кафе или чај. Но разговорите меѓу муштериите не се дозволени, бидејќи тоа ја нарушува концентрацијата, а и мобилните телефони се ставаат на вибрирање.
Јапонските угостителски објекти, особено погодени од пандемијата, смислуваат различни начини да привлечат внимание, па и со една ваква интересна идеја.