
На почетокот на 2018 на Јутјуб почна да се појавуваат видео снимки од тенка фигура целосно облечена во црно. Како контраст на ова, бела маска направена од хартија, со дупки за очите и устата и врвче како сугестија за носот. Личноста зборуваше со компјутерски процесиран глас и постираше енигматични, понекогаш непријатни видеа. На едно од нив тој (и да, машко е) свири некаква музика на детско пијано. Во друго фигурата добива чуден подарок од речиси невидлив и морничав Дедо Мраз.
Таа фигура е човек кој самиот се нарекува Укецу, а чиј Јутјуб канал во моментов има 1.7 милиони претплатници и над 200 милиони прегледи. Но ова не е неговото единствено постигнување. По книжевното деби, тој почна да доминира и со оваа сцена во Јапонија. Во 2024, на топ листите на најпродавани книги во форматот танкобон (нешто како нашите изданија со тврди корици), дури три биле на Укецу. Неговиот прв роман, „Чудни слики“, започнал како јутјуб видео. Од излегувањето во 2021 во Јапонија тој се има продадено во над 3 милиони примероци. Сега се појавува и на англиски во превод на Џим Рион.
Книгата е збир на меѓусебно поврзани мистериозни приказни и хорор роман. Започнува со детски, рачно направен цртеж на девојче во шарено фустанче. Десно од него има куќа, а лево една бела птица се одмора во дупка на дрво со остри гранки. Рамката што ги поврзува приказните е всушност вовед во романот - познат психолог објаснува дека цртежот бил направен пред многу години од 11-годишна пациентка која бил уапсена за убиство на нејзината насилна мајка. Тој го објаснува цртежот како спој на мајчинска љубов и желба за заштита на суштества понежни од самиот цртач, но острите врвови можат да укажуваат на агресивна и избувлива природа.
Со ваквото толкување нараторот го повикува читателот критички да размислува за цртежите кои се појавуваат на почетокот на секое поглавје, а кои помагаат да се разреши мистеријата. И ова не се единствените визуелни елементи во книгата - тие вклучуваат и скриншотови, хронологии и календари.
Но уште поголема мистерија од загатките во романот е самиот автор. За него не се знае многу, освен дека е од областа Канагава, дека има дипломирано економија и дека многу сака зајаци. Самото име нема некое особено значење, но знаците со кои се пишува на јапонски означуваат дожд и дупка. По дипломирањето сакал да пишува манги или да се занимава со музика, но бидејќи ништо од тоа не му тргнало, почнал да пишува статии за интернет сајт со забавни содржини.
Најинспиративен за него бил периодот на пандемијата, кога затворен дома, заедно со пријател-дизајнер, анализирале архитектонски план на куќа и измислиле морничава приказна за семејство кое живеело таму. Приказната, придружена и со видеа во кои се реконструираат некои од сцените, станале вирални и го привлекле вниманието на издавачот кој ја издал под наслов „Чудни куќи“. Во март 2024, книгата била преточена и во игран филм.
Со ваквиот жанр Укецу покажува дека јапонските книги кои во превод на англиски стануваат популарни „на запад“ не мора секогаш да се за книжарници и за мачки.