Во тек на неколку ноќи овој месец рефлектори го осветлуваат небото на американско-мексиканската граница помеѓу Ел Пасо, Тексас и Сиудад Хуарез во Мексико. Тие немаат врска со некаква прекугранична контрола, туку се дел од бинационална уменичка инсталација која се обидува да ги поврзе луѓето на двете страни од Рио Гранде.
Големата интерактивна инсталација е наречена Бордер тјунер. Работи на следниов начин: пристапувате на микрофон и вртите мал управувач кој контролира еден од рефлекторите. Нeкој на станицата преку граница го прави истото. Кога вашите светла ќе се спојат на небото, тоа отвара двонасочен канал на комуникација. Двајцата говорници не можат да се видат, но можат да се слушнат, преку звучници. И тогаш може да се почне муабет.
Оваа шанса обично ја користат луѓе кои се по потекло од Мексико но кои преминале на овој или на оној начин на другата, американската страна, и сега имаат проблем да ги посетат роднините и пријателите заради немање пари, документи или заради страв од контроли.
Бордер Тјунер завршува утре (недела, 24.11), а бил подготвуван две години. Автор е електронскиот уметник Рафаел Лозано-Хемер, кој е од Мексико Сити но сега живее во Монтреал. Тој претходно има поставено интерактивни звучни и светлосни инсталации низ целиот свет, вклкучително во Абу Даби и Даблин. Одамна сакал да направи нешто на американско-мексиканската граница, но оваа желба му се засилила по изборот на Трамп, и ширењето на наратив за границата како место на поделби, расизам и милитаризам.
Понекогаш преку инсталацијата си муабетат деца за тоа кои им се омилени животни, волонтери на двете страни на границата за проблемите со кои се соочуваат во помагањето на оние кои бараат азил, а две жени дури и пееле заедно. Рефлекторите во меѓувреме формираат мост преку небото.