Има такви моменти кога завесата на секојдневието ќе се крене, макар и за кратко, и човек ќе може да види и малку реалност надвор од своите секојдневни грижи и проблеми. Надвор од нашето сопствено задоволство. Среќни моменти, исполнувајќи го срцето со насмевка и топлина и умот со просветлување. На прв поглед она што сега ќе ви го кажам има малку врска со свечената пригода на нашиов собир, но, сепак, јас ќе се нафатам на тој ризик и ќе го споделам со вас, а вие ќе одлучите дали навистина е така.
Пред неколку недели повторно бев во Скопје. Седевме со жена ми во Старата чаршија и јадевме ќебапчиња во „Турист“, кога ни пријде една од оние вечни сенки што скитаат по пазарите уште откако е светот и нè потсетуваат дека раката која зема треба одвреме-навреме и да даде. Заедно со неа имаше и едно полничко кадраво девојче на возраст од 6 до 7 години. Ние веќе му го дадовме нашиот дел на друг питач кој помина тука пред само пет минути и не чувствувавме вина дека тоа треба повторно да го направиме. Циганката се провртка околу нас и потоа се префрли во следниот локал каде што група мажи воздржано почнаа да претураат по своите џебови. Но, малото девојче не се откажуваше толку лесно – се врати кај нас, ги стави лактите на масата и почна да ги врти очите. Изгледаше како еден од ангелите на Рафаело што се наоѓаат во подножјето на Систинската Мадона. Како деветмилиметарски магнум полн со шарм вперен во нас. Таа беше совршено свесна како да постапува со ова оружје. И сето тоа на многу невин начин! Јас ѝ дадов 10 денари. Таа ги грабна парите и се стрча накај мајка ѝ да ѝ ги даде и тоа со таква неопислива гордост, што изгледаше како парата да имаше уште најмалку две дополнителни нули. Кога се врати, нè погледна итро, ни намигна и важна си замина. Јазикот нема зборови да го искаже богатството на гестикулации и мимики што беа составен дел на оваа претстава. И уште ми е малку жал што од срцето ми се одвоија само 10 денари. Но, вистина е дека таквите моменти не можат да се купат ниту со 10, ниту со 100, ниту со 100.000.
Тие се бесценети! Затоа што ни откриваат нешто вистинско. Нешто што е поврзано со самата суштина на животот која не може да се објасни со зборови. Секогаш ќе го паметам „ѓаволското“ намигнување со насмевка, но истовремено и со восхит. Едно сиромашно Ромче кое во тој момент беше господар на светот. Беше Господ! Мислам дека уметноста никогаш нема да успее да ја постигне онаа длабочина што животот со таква едноставност ја постигнува со секој таков момент. Затоа е излишно да се обидуваме да ја имитираме. Дури и прозата, која има амбиција да биде најблиску до реалноста, всушност, е само бледа сенка на она што навистина се случува. Понекогаш тоа откритие може да те натера да го оставиш перото. Но, исто така, може да те натера да ја погледнеш својата работа од друг агол. Не како одраз на животот, туку како природно продолжение. Како форма на живот сама по себе која цути на белата страница. Јас верувам дека ова е поле во кое прозата може да достигне одреден реванш. Затоа што, дури и кога раскажуваме за овие навидум безначајни случки, ние ја прошируваме, барем метафорички, зоната на живот на планетава. Тертулијан рекол: Верувам во тоа затоа што е апсурдно. Јас велам: Пишувам затоа што е апсурдно. Тоа е мојот обид да се допре до човековата суштина, да се разбере нешто за светот кое, се плашам, е недостижно и излегува надвор од нашето индивидуално искуство.
Но, да се навратам на нашиот повод. Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на „центарот и на периферијата“. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка!
Се плашам дека ако го загубиме чувството за таа восхитувачка димензија на животот, ледените ветришта на гордоста и омразата наскоро ќе почнат да дуваат во нашите срца. Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложени секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени. Колку и банално да звучи ова.
Ви благодарам за честа да бидам во друштво со вакви првокласни писатели од Балканот и од Европа. Ви благодарам на вниманието!
Алек Попов
(превод од бугарски - Про-за Балкан)