Во воено време, многу нешта кои до тогаш биле вообичаени, па дури и строго нормирани, паѓаат во вода. Една од тие работи во САД на самиот почеток на Втората светска војна бил начинот на кој младите почнале да стапуваат во брак соочени со стравот и и неизвесноста. Ова чувство особено се засилило кога во 1942 тогашниот претседател Франклин Рузвелт потпишал закон според кој возраста за регрутирање се спуштила од 20 на 18 години. Со тоа повеќе од милион тинејџери секој момент можеле да бидат повикани во војска.
Одеднаш младите, кои до тогаш биле задојувани во духот на „вашето време допрва доаѓа“ сфатиле дека нема време за чекање, и дека ако баш тогаш не стапат во брак можат да завршат како „стари моми“ или како мртви војници кои не успеале да ја остварат најважната работа во својата кратка биографија - да формираат семејство. Кон притисокот веројатно придонесувале и родителите, кои биле во подеднаква паника.
Свадбите така станале национална опсесија. Дефиницијата на „романтика“ и „врска“ за кратко време тотално се променила. Немало „мување“, одење во кино, запознавање со родителите, па веридба, па моминска и ергенска вечер, па свадба. Целата обредност била укината, а на нејзино место дошле забрзаните свадби, често пати и колективни, за кои не биле потребни дури ни невестински фустани или одела, ниту пак прстен.
За да ја заштити светоста на бракот и да го спречи стампедото млади и пијани свадбари, Калифорнија уште во 1920-тите имала воведено тридневен период на чекање за парови кои сакале да се земат по кратка постапка. Се нарекувал „Закон за брачен џин“ бидејќи бил усвоен во време на прохибицијата, кога голем број (лоши) одлуки биле донесувани под влијание на забранет и домашно направен џин. Но во случајов, ваквиот се уште важечки закон во 1942-та само создал услови за процут на свадбарскиот туризам преку границата на јужна Калифорнија, во Јума.
Тука доаѓале за брзопотезно склучување брак и обични луѓе, но и ѕвезди, како Бети Дејвис или Чарли Чаплин. Чести биле морнарите и нивните сакани кои брзале да склучат брак пред да отпловат од Сан Диего. Доаѓале во Јума организирано како на партиски митинг, со автобуси, а тука имало 10-12 капели, кои додуша понекогаш личеле на најобични бараки, кои ја вршеле оваа услуга. Тие секако биле меѓусебна конкуренција, па децата на сопствениците (кои наплаќале 10 долари за брачен сертификат) биле задолжени да ги начекуваат идните сватови на железничката или на главниот пат кој водел во градот и по принципот „свадба да не требит?“ да ги влечат муштериите за рака. Имало и капела со црн свештеник, извесен Џејмс Колман, каде доаѓало црното население. Тој не само што венчавал, туку имал и „драјв тру“ перална и сервис за автомобили па често знаел да ја врши церемонијата во својот работен комбинизон. Низ градот минувале стотици парови дневно, со што почнала да се развива и локалната економија.
Но сето ова не траело долго. Излегло дека оние кои биле скептични кон вака склопените бракови биле во право - рекордниот број бракови во 1942 резултирал со рекорден број разводи во 1946, по завршувањето на војната. Секако, имало и такви парови кои останале заедно и кои целиот брачен живот се гордееле што се исклучок од правилото.