Читајќи го македонскиот превод на романот „Снегулки“ на Калија Пападаки, кој се однесува на животот на европските имигранти во САД, наидовме на сцена во која Грци, „Макаронџии“ (Италијанци) и „Црвенокоси“ (Ирци), нелегални продавачи на алкохол за време на прохибицијата во САД, се обидуваат да склучат договор за сојузништво, ценкајќи се околу добивките.
„Тогаш Тони го прати Нодас по нив за да им каже дека се согласуваат. ’Го давам и лозјето’, ама сега процентот од профитот се смени на седумдесет и пет-дваесет и пет“.
Иако ова со лозјето делува како изрека која би се очекувала да се слушне на коцкарска маса или среде трговско наддавање, нејзиното потекло е многу поинтересно. Како што објаснува во фуснота преведувачката Емилија Мајсторова, таа станала популарна кога во 1840, во театарот Букура во Атина, ја изговорил селанец од задните редови, кога на сцената настапувала италијанската оперска пејачка Рита Басо. Неа обожавателите постојано ја опсипувале со скапи подароци, а бидејќи за селанецот нема поскапоцено од имотот од кој вади парче леб, тој одлучил јавно да се откаже од него, само за да биде на само со убавата Рита.
Потрагата по повеќе информации за целата работа, нè доведе до докторска теза одбранета на Универзитетот Брунел во Лондон, под наслов „Четири кратки истории за грчко-европските музички интеракции од 19 век“ на Артемис Игнатиду. Во неа, на многу луциден начин, се анализира влијанието на западната („класична“) музика врз конструкцијата на грчко-европскиот идентитет. Дипломатските, политичките и културните практики, внесени особено од Велика Британија и Италија, влијаеле врз музичкиот вкус на балканска Грција, но и врз модернизацијата на општеството. Секако, ова не поминало без конфликти, а најгласни биле традицоналистите, кои сметале дека „западизирањето“ на Грција значи негирање на нејзината автентичност и централна позиција токму во европското културно наследство. Во тој контекст полифонијата на западната музика, не била „соодветна“ за нацијата, која си има своја традиционална музика и византиско црковно пеење.
Но напорите за поставување културна брана била залудна. Гостувањата на италијански оперски музичари, особено на пејачките, биле дочекани со невиден интерес. Така, весникот „Илустрирани лондонски вести“ од 1845, известува за гостувањето на сопранистката Рита Басо, по која старите луѓе полуделе, а децата ги продавале своите учебници за да можат да купат карта. Залудно критичарите го нарекувале италијанскиот театар „феминизиран, пресладок и манијакално опседнат со љубов“, нагласувајќи го негативното влијание на ваквите претстави врз младината. Увозот на музика продолжил, а со него и прифаќањето на нов музички речник, воспоставување формална театарска забава на местото на локалните импровизирани театри, и воведувањето на „зимска сезона“ во земја која со оглед на климата развила културна традиција на пролетна и летна забава на отворено. Се воделе жестоки дискусии за тоа кои од странските уметници е подобар, па грчката кралица Амалија од Олденбург (сопруга на кралот Ото) во писма до нејзиниот татко раскажувала анегдоти од нејзиното „ново кралство“ за караници помеѓу таборите на Рита Басо и на Гаетана Лугли, две италијански сопранистки со свои грчки фанови.
Басо дошла во Атина со италијанска трупа која ја изведувала „Лучија од Ламермур“ на Доницети и буквално ја излудела публиката. Пред нејзините нозе луѓето фрлале букети, но и овошје, па дури и јагнешко и кокошки. Во првите редови секако седела „цивилизираната“ аристократија, но многу погласни бил „обичниот“ народ, меѓу кои ученици, службеници па и селани. Најзапален за Рита бил извесен Лондос, неколкукратен министер и театрофил, кој со своите пријатели закупувал седишта во театарот секоја вечер и чесно си ги плаќал картите. Тој истурал подароци врз италијанската примадона, а во сите продавници во кои влегувал извикувал „Одлично направено, Лита, одлично“. Не можел да изговори „р“ бидејќи немал ниту еден заб во устата.
Една вечер на крајот на април 1840 биле закажани два вечерни концерта. Како и секогаш, публиката фрлала златници и накит на сцената. Дел од тоа било за актерите, а дел одело за хуманитарна помош. Со оглед на големата побарувачка, во Атина почнало да снемува златници. Златарите ги качиле цените, а фановите биле подготвени да платат 30% камата за купување на кредит и да заложуваат дел од имотот и покуќнината. Сето ова било неиздржливо за еден гледач, кој таа априлска вечер од задните редови извикал: „Да живее Италијанката, го давам и лозјето“.
Ваквата негова очајничка изјава влегла во секојдневниот говор, иако малкумина го знаат нејзиниот извор. Македонски пандан би бил „го давам и чифликот“, но под услов Кољо да не бил љубител на рујно вино, туку на италијанска опера.