Кога ja инсталиравме апликацијата за првата национална стриминг-платформа со сугестивно име Gley, прво што ни фати око беше категоријата „Наше“. Странски комедии, акции и трилери, какви што има и на куп други стриминг сервиси (а да не се лажеме, и на торенти) може да гледате и на друго место. Но специфичното на оваа е што претендира да биде пред се место за промоција на македонски филмови и копродукции кои по релативно краткиот живот во кино салите, освен на телевизија, тешко дека би можеле да ги видите на друго место.
Токму во оваа категорија ни фати око филм којшто сме го пропуштиле во предпандемиската 2019, копродукција помеѓу Македонија, Косово и Албанија, на режисер од Македонија, Куштрим Бектеши, кому ова му е дебитантски филм. „Незаборавна пролет во заборавено село“ прави впечаток на прва и поради краткиот и едноставен синопсис кој не може да остави рамнодушен (особено не еден етнолог) - „Мирот во едно заборавено село е нарушен кога во него ќе пристигнат три проститутки“.
Она што го најавува синопсисот симболично е зипувано во одличната прва сцена. Две кучиња се парат - онака како што тоа го прават обично кучињата, апла, на сред селската калдрма - додека локалниот оџа се обидува да ги раздели со тоа што фрла едно обично камче. Истото она што ќе се мачи да го направи, овој пат со поучен збор и со предупредувања за крајот на светот, кога неговите соселани ќе престанат да доаѓаат на утринска молитва затоа што цела ноќ ја поминале во селската кафана, збудалени од доаѓањето на три проститутки. Мадона, Татјана и Рози се од Украина, Молдавија и Бугарија, изгледаат стереотипно нападно и „оросписки“, и како архи-непријателки на домородните жени. Додека нивните сопрузи ги заложуваат семејните дукати за да останат во машката кафанска игра, која го вклучува и селскиот учител, градоначалникот на општината и неговиот возач, жените се грижат за семејството, дури и бремени работат на нива, месат пити и трпат. Сè до моментот кога одлучуваат дека е доста и ги преземаат работите во свои раце.
Иако филмот е сниман во Ѓономаљ во Корча, селото може да се наоѓа на која и да е точка на планетата. Сепак најмногу му лежи на балканскиот и на медитеранскиот контекст - во сите култури под слојот „како треба“ има многу слоеви на „како всушност е“, но во оние нам поблиските таа разлика ни е интимно многу попозната, и смешна, особено кога е карикирана и пародизирана. Режисерот, кој е истовремено и сценарист, за да го постигне овој ефект следел прилично безбедна шема на типизирани ликови и нивни односи. Хиерархијата почнува од градоначалникот (партијата), преку селскиот учител и оџата, од кои само последниот успева до крај да го задржи својот морален лик. Помеѓу селаните има ерген, келнер што д’тка, шано-мано кафанџија и макро - единствен што изгледа дека излегол во белиот свет, момче за кого селото се сомнева дека е геј, видовито дете и селанец кој поради некои чудни причини постојано е облечен како Елвис Присли. Помеѓу селанките подготвени за револуција, пак, една „машкуданка“ и протофеминистка, која многу сака да ги масира. Оваа типизираност е одбрана затоа што функционира на архетипско ниво, и точно тоа и го прави, без изненадувања. Она што сепак е за нас ново, е што детабуизирањето се однесува на муслиманска заедница, барем на она ниво на „како треба“ поконзервативна, па оттаму и поризична за „чепкање“ во однос на морал, родови односи и вера. Бектеши очигледно немал таков проблем, и за тоа заслужува пофалба. Истовремено, сите актери, меѓу кои голем дел од Македонија, се крајно шармантни и внесени во своите улоги, а филмот е посветен на Салаетин Билал, кој почина во 2018. Некои од камерните сцени делуваат (во смисла на дијалог и физичката поставеност на ликовите) театарски, па и не нè изненади тоа што Бектеши е дипломиран театарски режисер, денес и професор по режија, кој во интервју во 2010 изјавил дека „никогаш не размислувал да се префрли на филм“. Добро е што сепак го променил мислењето.
Илина, Букбокс