Фотографија од изгрејсонце на Марс претворена во музика

Вчера, 26.11, на Марс успешно се примарси (соодветна варијанта на „приземји“) сонда на НАСА, која за да стигне таму помина пат од 428 милиони километри во тек на шест месеци. Нејзиното слетување предизвика големо медиумско внимание. Но притоа сите како да заборавија на еден постар „жител“ на Марс испратен од Земјата - роботче, кое по напорна кариера неодамна се самопензионира.

Станува збор за Опортјунити, роботски ровер кој е на Марс од 2004, а кој го има надминато својот оперативен план за цели 14 години и 215 денови (земско време). На 10 јуни 2018 заради голема песочна бура е загубен контакт со него и од тогаш веќе не е разбуден.

Сега двајца британски научници, Доменико Вичинанца и Женевиев Вилијамс, со помош на тн. сонификација на податоци, успеаа да создадат музика од една единствена фотографија направена од роверот. Тоа е 5000-тата слика на изгрејсонце на Марс, а „сонификацијата“ се однесува на тоа дека на секој нејзин пиксел научниците му доделиле висина на тон и мелодија.

Така, темната позадина произвела меки, бавни хармонии, додека посветлите области резултирале со повисоки тонови. Целото дело звучи точно онака као што би опишале изгрејсонце: мирно, спокојно и едноставно убаво. Доколку станувате рано и некаде каде навистина можете да го гледате изгрејсонцето (а не само тмурно небо и магла) пуштете си го видеово. Така ќе имате можност да го доживеете двојно, како да сте на две планети одеднаш

Претходно:
Како големиот Хадронски колајдер создава музика

27 ноември 2018 - 20:54