На почетокот на 1940-тите, Толкин напишал есеј за бајките и нивното значење. Базиран на предавање кое го одржал во Шкотска, тој во него ги моделирал своите гледишта како автор на фантазии. Истовремено, тоа е и најцитираниот негов текст за улогата на имагинацијата во книжевноста.
Бајките, според Толкин, не се наменети само за децата. Втопувањето во фантастичните светови во кои дрвјата зборуваат а животни кои личат на огромни змии блујат оган е „природна човечка активност“. Ваквите приказни ни помагаат да се потсетиме и да го оживееме она што е можеби загубено или кое се зема здраво за готово - тие нудат бегство од еден во друг свет и пружаат утеха, сигурност дека иако нештата се лоши во моментов, тие можат да завршат добро.
Во тоа време Толкин самошто ја имал објавено „Хобит“, и почнувал да работи на „ГНП“. Тоа било клучен момент. Како автор почнал да навлегува во посериозни води, па оттаму овој есеј се смета за негов манифест за она што следело.
Толкин, меѓу другото, пишува за моќта на среќните краеви, и притоа сугерира интересен термин. Бајките, вели тој, често вклучуваат „еукатастрофа“, односно „добра катастрофа“. Тоа е ненадеен пресврт на нештата во некоја приказна што прави протагонистот да избегне ужасна судбина која се очекува. „Еу“ на старогрчки е префикс кој означува „добро“ (како во еудамонија, квалитетен исполнет живот), а со неговото поврзување со „катастрофа“ навидум се креира парадокс - како може катастрофа да биде добра? Но во бајките очигледно може, бидејќи во нив не е невообичаено нештата да се случуваат „од никаде“, со помош на магиски средства и вмешување на натприродни сили. Кога изгледа дека сè е загубено, кога непријателот победува, ненадеен „радосен пресврт“ предизвикува длабока емоционална реакција кај читателите.
„Еукатастрофичната бајка е вистинска форма на овој жанр, нејзината највисока функција. Утехата кои ја нудат бајките, радоста на среќниот крај, или поточно на добрата катастрофа е едно од нештата кое бајките можат да ги произведат неверојатно добро...тоа е неочекувана и чудесна милост, која никогаш повеќе нема да се повтори“, напишал Толкин.
Зборот во последниве години привлекува внимание во други академски полиња освен во книжевноста - особено кај оние кои размислуваат за „длабоката иднина“ на човештвото.
Пред неколку години, филозофите Оуен Кото-Барат и Тоби Орд од Универзитетот во Оксфорд напишаа статија за тоа како најдобро да се дефинираат егзистенцијалните катастрофи - оние настани кои би можеле да го нарушат долгорочниот потенцијал на нашиот вид: супервулкани, нуклеарни зими, пандемии и развојот на глобален тоталитарен режим. Двајцата сфатиле дека на ова поле на истражување му недостасува збор за посветли, ненадејни промени: моменти кога опциите за човештвото ненадејно се подобруваат. Така, стигнале до Толкин.
Вакви еукатастрофи веќе се имаат случено на Земјата. Потеклото на животот може да биде еден таков пример. Еукатастрофите можат да следат по пар катастрофи - на пример астероидите можеби ги убиле диносаурусите, но исто така им овозможиле на цицачите, па и на нас, да се развиваат и да се одржат.
Во човечката историја ваквите примери се поретки, но Котон-Барат сугерираат дека интелектуалниот процут од времето на ренесансата може да биде случај на позитивна промена на траекторијата. Некои сметаат дека такви се и крајот на Првата и Втората светска војна. За Толкин, кој бил христијанин, ултимативниот човечки пример бил животот на Исус, неговото раѓање и воскреснувањето.
Но еукатастрофите не мора да се појават „магично“. Тие можат да бидат и планирани, во смисла на работа на нив, како инвестиција во наука, во чиста енергија, па дури и во морална револуција. Во време на криза и конфликт подготовката за ваквите пресврти е тешко да се замисли. Но самото сознание дека такви можности постојат и не треба да се игнорираат е водич кон намалување на егзистенцијалниот ризик и зголемување на егзистенцијалната надеж.
Неодамна, Институтот Форсајт - непрофитна организација за истражувања на иднината базирана во Сан Франциско, понуди награда за подобар збор на слушателите на нивниот подкаст. Некои од идеите вклучуваа:
плеторација - чувство на изобилие
гледитар - исландски збор за „солзи-радосници“
анастрофа - ако „ката“ го означува лошото, ана може да биде обратното
бенепетија - базирано на грчкото перипетија, свртување на приказната на добро
Победникот: ефлоресценција - процес на разоткривање и процут.