The Office е една од оние серии која или веднаш ја засакуваш и до крајот на животот ти служи ко референца во различни ситуации (особено она That's what she said) или од прва ја мразиш и никогаш веќе не ѝ се навраќаш. Оригинално креирана од Рики Џервејз, таа сепак стана најпопуларна преку американската верзија од 2005, со Стив Карел, која се емитуваше девет сезони, а финалето на серијата го следеа повеќе од 5 милиони гледачи.
Сликовницата која излезе на 29.9 се вика „Ден во ОУ Дандер Мифлин“ се однесува на Мајкл, Двајт, Џим, Пем и Кевин (сите ликови од серијата) кога биле основци. Мајкл уште од тогаш работи на тоа да стане „најдобар раководител на оддел“, со мини-Двајт (кој и како дете си ја носи препознатливата кошула и вратоврска) како негова десна рака.
Книгата има 40 страници и е соодветна за деца од 4-8 години. Автор е Роб Перлман, кој претходно ги има напишано „Розево е за мочиња“, „Стар Трек: забава со Кирк и Спок“ и „Боб Рос и верверичката Пипод“. Цртежите се на Мелани Демер.
Ова е всушност втора детска книга инспирирана од серијата. Претходната се викаше „Забава во Канцеларија!“ од Марк Клауд, издадена во 2019.
Koга сме кај Офис и деца, еве една сцена од петтата сезона што се однесува на нив. Додуша малку пред да почнат во школо, кога се раѓаат...