Фотографии

Човекот со кого спиеш

Пред да почне навалицата од текстови поврзани со љубов, ангелчиња во лет и бонбоњери во форма на срце, еве еден убав визуелен приказ на најголемата интимност која можат да ја споделат двајца. Да, заедничкото спиење.

Германскиот фотограф Пол Шнегенбургер низ серија фотографии „Спиење на саканите" го прикажува ноќниот танц на љубовниците, додека се препелкаат во кревет и сонуваат, секој во својот сопствен виртуелен свет на желби, стравови и копнежи.

„Што е она што се случува додека љубовниците спијат? Дали е тоа само спиење еден до друг или постои споделување не само на територија, туку и на емоции? Дали има несвесна размена на нежности, или пак некој некому му врти грб?", прашува авторот на неговиот сајт. Фотографиите ги правел во неговиот апартман, со експозиција од шест часа, од полноќ до утрото, само при светлина на свеќи, така за да се фатат промените на позициите во текот на ноќта.

На некои од нив преклопувањата на телата се очигледни и сакаме да ги толкуваме како несвесни галења и гушки. На други тоа повеќе изгледа како борба за јорганот или бдеење дури другиот 'рчи. Но на крај на краиштата што е љубовта, ако не делење на истиот простор, и на јаве, и во сон. 


1 февруари 2013 - 14:48