30 години од „Док чекаш сабах са шејтаном"

Ако постои бенд низ чија судбина би можел да се сними политички филм за Југославија, тоа е Забрането пушење. Од перспектива на накнадна памет, кога е сосема јасно дека сите „важни утакмици" за кои зборуваше Хасе се загубени, овој албум е потсетување на времето кога некои седеа со шејтанот и чекаа мугра, додека други во мугра седеа сами и го чекаа шејтанот, па на крајот и го дочекаа.

автор: Мухарем Баздуљ

Тоа дека писателот се потврдува како писател со втората книга, режисерот како режисер со вториот филм, а бендот како бенд со вториот албум, тоа е веројатно еден од најфрекфентните и најстереотипните критичарски клишеа. А сепак, најиздржливите клишеа и станале такви затоа што се толку често точни. Особено добро тоа се гледа пост фестум, кога некој опус или некоја кариера ја гледаме од дистанца. Дистанцата во однос на опусот на бендот Забрането пушење, меѓутоа, е сосем специфична. Ако постои бенд низ чија судбина би можел да се сними политички филм за Југославија, тоа е овој. Тоа минатата година некако го насети новинарката на Ал Џезаира, Џеки Роуланд, кога го направи филмот „Беше еднаш во Сараево" за Топ листа надреалиста. Филмот за жал излезе лош, но тоа промашување некому може да му ја отвори вратата да направи нешто добро.

Албумот Das ist Walter беше добар темел. Песните од албумот-превенец Неле во својата автобиографија лаконски ги опишува на следниов начин: од „химна на Новиот примитивизам" (Анархија ол овер Башчаршија), преку „приказна за девојка која премногу им верува на американските филмови" (Селена, врати се, Селена), до „бунт на самосвесно момче против поделбата на улоги која му ја наметнува светот во којшто живее" (Не сакам да бидам Швабо). Сепак, бргу стекнатата југословенска слава уште побргу им удри во глава по фамозната афера „црко Маршал". Во споменатата книга (Фајронт во Сараево) Неле детално опишува како по тој скандал сите медиуми и институции кои копнееле за нивното присуство и соработка преку ноќ им вртат грб. Сепак постои и исклучок: „Во нас, меѓутоа, уште веруваше Југотон, па тогашниот уредник Синиша Шкарица се согласи дури и со нашата луда идеја да издадеме двоен албум". Во исто време во студиото во Зелен гај албуми снимаат и Хаустор и ЕКВ. Тоа, меѓутоа, спаѓа во пошироката приказна за некоја друга земја и некое друго време. А приказната за Шејтанот можеби е најдобро да се започне со веројатно најславната песна од тој албум: Неделата кога замина Хасе.

Во времето кога е објавен овој албум, фудбалерот Асим Ферхатовиќ Хасе беше уште жив. Умре по година и пол. Умре еден ден по својот педесет и четврти роденден, на 2 јануари 1987. Беше недела, баш како во песната, баш како и на 4 мај 1980. Има нешто необично во помислата дека Хасе веројатно ја слушнал песната Неделата кога замина Хасе и дека умре во недела. Се раскажува дека членовите на Забрането пушење по неговата смрт објавиле некролог во Ослобоѓење, во кое стоело само „Еден е Хасе". Ако се сетиме и дека во песната постои стих „Ослобоѓење во моите раце", приказната станува уште помистична и уште попоетична.

Постои, меѓутоа, уште еден детал кој неодамна го забележа Миљенко Јерговиќ, хроничарот на Сараево од осумдесетите на кого најмногу може да му се верува, а кој на приказната ѝ дава нови аспекти. На фамозната улица Фуад Миџиќ, која Пушење ја опеа од Селена па натаму, улица во која живеела авторската екипа на Пушење, по војната ѝ е променето името. Џабе му било на Фуад Миџиќ соочен со повоените сараевски власти што бил муслиман, кога бил и комунист и партизан и јасеновачки логораш и илегалец кој погинал на последниот ден од војната и власта на НДХ над Сараево. Му ја земаа улицата, а во таа промена на имињата имаше и нешто и демонско и морничаво и неверојатно симболично. Улицата Фуад Миџиќ денес се вика улица Асим Ферхатовиќ Хасе, а тоа е исто како да се вика и улица Забрането пушење и улица Топ листа надреалиста и улица доктор Неле Карајлиќ и улица Сејо Сексон и улица Маршал Тито и сето тоа заедно. Затоа што песната за Хасе секако не е само песна за Хасе или не е само за него. Тоа е песна, како што вели Јерговиќ, за „еден друг, поважен човек, со многу позвучно име. Но со оглед на тоа што песната за тој јунак не можела да се напише а да не биде сентиментална и подлизувачка како оние од младинските работни акции, така адресантот на посветата е променет. Со комбинација на неколку стилски фигури, иронија, литота и метонимија е постигнат зачуден ефект, и настаната е најубавата песна за Тито, од толку многу кои се составени по неговата смрт."

Би требало да се напише посебен есеј за причините заради кои на многумина ни денес не им е јасна толку проѕирната алузија. Има само една важна мајска недела во која на Кошево гостуваше Осијек, да не зборуваме за резултатот 1:1, кога само еден од нас „ги тепаше Енглезите, Швабите и Русите", само еден можеше да каже „мене повеќе ме нема, но имате уште многу важни утакмици", само заради еден имаше смисла она скандирање „Југославија, Југославија", кое завршува во фејд-аут. Патем, кога Југотон ќе стане Кроација Рекордс и кога Шејтан ќе биде објавен на ЦД, тоа скандирање ќе биде волшебно стивнато и скратено до непрепознатливост.

„Неделата кога замина Хасс" е една од дури 18 песни. Сепак се работи за двоен албум, иако во современата јутјуб ера може да делува изненадувачки што целиот двоен албум трае помалку од еден час...Не дека идните два албуми нема да бидат креативни, но нема да бидат толку добро отсвирени. Никогаш потоа музичката подлога на нивните песни нема да биде така цврста и толку панкерски валкана, никогаш нема да ја имаа онаа енергија од воведните рифови на почетокот на Состојба на шок, на почетокот на целиот албум.

Тука е и насловната песна и клучната работа за контекстуализација на целиот албум. Приказната е всушност архетипска: во маргиналец го убиле бога, но ѓаволот во него останал да живее. Но и тој архетип е сместен во точна и прилично прецизна историско-географска рамка, иако без предиректни индикации. Оној „мрак кај Пиварата" е многу конкретен мрак, како што е и „агент 071" многу ефектна иронија која ја комбинира Џејмс Бондовата шифра и повикувачниот број за Сараево, а го спојува и Шон Конери со Мурга дрот. Кога во последната строфа се укажува „цвикерашот од општината", слушателот просто мора да се сети на онаа улога која во „Се сеќаваш ли Доли Бел" ја игра Боро Стјепановиќ. „Док чекаш сабах са шејтаном" е всушност песна за тоа зошто Шинтор е Шинтор. На оние пак кои на шејтанот не му ја имаат широко отворено душата, а биле дел од истиот свет, често им преостануваше само да „јездат кон Алеманија", без оглед на цената.

Првите шест песни, првата третина, е првиот природен „блок" во целина од осумнаесет парчиња, а завршува со Ибро Дирка, едно од неколкуте автентични ремек дела на југословенската популарна култура. Тоа е повторно архетип, но нешто понов и потесен. Во големите западни култури постојат такви аблематски дела во кои се тематизира како голем талент е нагризен од надворешниот успех и спас речиси и да нема. Да се раскаже тоа во помалку од три и пол минути, без тронка претенциозност, со неколку незаборавни one-liner-и, и досетки на сметка на Брена и „обата Халида", а да не се загуби ништо од „пораката", тоа е навистина катарзично.

Во преостанатите две третини на двојниот албум ја нема таа густина од врвни песни, но тоа е добро. Како што вели Сјоран: Ништо толку не здосадува како едноличноста на исклучителното. Така и Шејтан не би бил тоа што е без песни кои се суштински само добра финта, односно евентуално само малку повеќе од тоа.

...Почнувајќи во еден момент повторно интензивно да го слушам Шејтан, почнав да гледам кој во која песна ја напишал музиката, а кој текстот. Таквото истражување речиси нужно наведува на помислата дека Неле и Сејо во Пушење биле она што во Битлси биле Ленон и Макартни. Не мислам дека еден од нив е Ленон, а другиот Макартни, туку дека успеале, како луѓе и уметници прилично различни еден од друг, своите таленти синергиски да ги здружат, за делото да биде многу повеќе од простиот збир на нивните таленти. Со дистанца од 30 години, од перспектива на накнадна памет, кога е сосема јасно дека сите „важни утакмици" за кои зборуваше Хасе се загубени, овој албум е потсетување на времето кога некои седеа со шејтанот и чекаа мугра, додека други во мугра седеа сами и го чекаа шејтанот, па на крајот и го дочекаа.

A snivali smo krilat let ala i divova,

Dozivali smo sunčan svijet od sreće

i od snova.

(од белградско „Време")

целиот албум:

 
15 август 2015 - 10:17