Исповед 1

In hortum meum

Како станав градинар?

Уште ко си бев малечок, многу бев по цвеќињата. Повеќе да ги гледам отколку да ги кинам. И така, си цупкам јас еднаш...

Значи прашањето е: Како станав бавчанџија? Одговорот е: Многу лесно! -Дај кажи нешто повеќе. -Е, ајде, да кажам! Значи вака:

Уште ко си бев малечок, многу бев по цвеќињата. Повеќе да ги гледам отколку да ги кинам. И така, си цупкам јас еднаш.... Не, не, не тоа... за оваа бавча треба да се каже. Од каде дојде ти тука? -Остави ме да си кажувам како што сакам. Ај оттука! 

Видете, јас сум Тихомир, и првенствено се сметам за поет. Ова бавчава ми е хоби. За поезија треба вдахновение, да погодиш сè од збор до збор, и тоа не може тукутака, доаѓа еднаш на неколку години и пак си оди, па пак чекаш да дојде... а бавчата - може да си ја работиш секој ден;  да си копкаш, садиш, пресадуваш, да полеваш...  Имаше едно кинеско мудро што велеше дека ако сакаш да си среќен еден ден - напиј се; ако сакаш да си среќен една недела - заколи свиња (да ми простат вегетарјанците и мене и на Кинезов); ако сакаш да си среќен една година - ожени се; а ако сакаш да си среќен цел живот - работи си ја бавчата. Изгледа тоа ќе да е. Кинеско влијание.

И не само тоа. Ми се смачи малку, право да ви кажам, и од коментарите и кревањето прашина по фејсбук, оти таму има еден куп ситнодушни анонимуси што шетаат од пост да пост и бараат негде да си истурат отровецот што им ја пече душичката микроскопска. Има и добри дечки, и женски, ама има и како првите... и тоа многу. Плус и крадци се појавија бројни, па викам да бегам јас некаде на помирно место, кај што не обиваат текстови... И така, Трендо ми кажа имал убав плац, како за мене, убаво заграден, рамен, имало и бунар, вода колку сакаш...и таму сум можел да си работам, кога сакам, колку сакам, што сакам... патлиџан ли, краставици, тикви, цвеќиња, кактуси, бамбуси, баобаб, мандарина... Отидов, баш да го видам плацот, денот беше убав, птиците црцореа, сливите расцветани, инсектите раздвижени... како во јапонски филм од постарите... и некои комшии имаше околу, ама од нив само Лилјакот го знам, охридски шо зборвит... другиве некои млади моми... па не ми се виде лошо ни соседството, право да Ви кажам. Сè уредни дворовите, тревата искосена... цвеќенца... едно чисто, чисто... оригинал. И така, еве почнувам. Кажете: Со среќа! Кажете: Аирлија! -Е, ај фала... па поубава да си начекате. Здраво да сте и добре дојдовте. Гледам јас, ова ќе е почеток на една... Казабланка. 

п.с. Ова мачето на сликата нема врска со бавчата. Тоа е Зазо, мачорот мој некогашен, го дадов кај едни луѓе оти почна малку да мириса а не сакав да биде кастриран... и се изгуби пред месец, два... го снема... изгледа подиве... не би сакал да е нешто друго. 

 

10 април 2013 - 16:02