Сè е лага, освен осумте мртви тела
Во ова мое обраќање до вас Македонци, ќе бидам многу кратка. Најкратка на свет. После проживеаните долги саати, огнови, куршуми, полициски возила, мртви тела и гарежи, се скрати животот на пола. Се скрати денот, ноќта предолга стана.
Сега и овде, додека злото не тропнало посилно, ако сакате, послушајте.
Држете се настрана од проклета политика. Бегајте од чумата. Од злото вардете се. Оти, тие замешаа, ние исркавме крв до колена.
Осум мајки во црно се завија. Градот ни го сардисаа. Кои се и што се, тоа нас нема никој в уши да ни надене. А и да ни каже, што аир, во што проклето да веруваме?
Секоја планина, своја тежина.
Секој остана да кука на свои гробишта.
Да си го видиш градот како гори, да се поздравуваш со ''чувај се'', да слушаш цркање на деца испаметени, на мајки стари и болни под мишка фатени кои бегаат за да гледаат уште некој ден бело видело, да видиш болни на дијализа оставени да умираат, да видиш полицајци сироти како со страв во очите се движат кон пушки вперени, да видиш како се голтаат солзи солени, сестри и доктори кои даваат натчовечки напори да остават нечие срце да пумпа храбра крв со олово измешана, не ќе прашаш како си Сандра, како сте кумановци.
Осум херои 41' дадовме, исто толку на Денот на победата над фашистите.
Повеќе немаме животи за фрлање. Се понадеваа дека ќе разединат, а ние никогаш посплотени.
Оставете го Куманово да живее.
И запаметете:
Сè е лага освен осумте животи во неповрат заминати.
Сандра
П.С
Авторот на текстот е кумановка, новинар која од 05:10 на 9 мај, легна да спие три часа на 10 -ти во три часот наутро.
Жена која никој да не знае, сама се искачи на ридот над Куманово во 23:00, и која виде како еден бега по нивата. Онаа која на враќање, ќе згазеше со кола двајца припадници на Тигрите кои истрчаа на автопат. Онаа која превезе многу луѓе кои бегаа од налетот на тешки огнови. Онаа која во давање изјава, слушна како камерманот вели ''блиску се''.. ''ако ме видиш да спуштам камера, бегај кон ѕидот и не мрдај".
Онаа која гушна 1000 жени Албанки.
Онаa која со синовите дома, на кинисување само слушна ''Мамо. чувај се''.