Тие пак ја прашаа...

Кај ти е кечето?

Пак ли ќе врне? Пак ли касаат мувите?

Зарем времето никогаш не умре? Зарем кругот навистина не е тркалезен?

Ааа, па ти се викаш Емина? Шиптарка си, а?

Шиптарка сум, бе. Нели смеам да бидам тука бидејќи сум шиптарка?

Не.

Така започнува приказната на една моја пријателка. Така и години наназад завршува. На мојата пријателка, често нечија непријателка оти не била наша. Нивна била. На истата онаа која во оваа држава е носител на македонски пасош и државјанство. На истата онаа која како и јас, ти, тој - плаќа со денари, боледува од исти болести, се радува на истите овоземни убавини. На онаа истата која од сите 193 држави на дуњалукот, токму како и јас, избрала да живее тука и овде.

Таа вечер излеговме со гостите од Турција. Сакав како домаќин на средбата, гостите да ги однесам на ѓезме во некоја наша кафеана. И отидовме. Си нарачавме јадење. Културно и отмено. Инаку, знаеш. Ние Турците си сакаме песна и музика и си избравме и место со жива музика.

Си нарачавме богато мезе и некое време, почуствував како масата спроти нас, нѐ гледа попреку. Ај, си викам. Навикната сум да бидам на отстрел. Од дете трпам разни носници. Од дете мора да се бранам оти не сум христијанка. Ставив 50 евра на гитарата и кажав: 

Свири ја оваа:

Играме, пееме. На турски, де. Ги знаеме стиховите напамет. 

И како што пееме, одеднаш слушам:

Што е бе, Турци? Што е оваа на турски ќе ми пеете овде? Оваа е Македонија.

Сфативме, моја Сандра. Не сме добредојдени. Уште еден шамар за мене. За гостите - дам бетер. 

Излеговме надвор, а гостинот отиде по колата. Стојам и слушам:

Немој, Емина. Ќе дојде колата и ќе си одиме... на турски јазик мрмореше мојот пријател.  

Почна во мене да врие крвта. До кога бе ќе ме понижуваат? До кога бе на секого ќе се оправдувам оти не сум христијанка? До кога ќе се докажувам оти сум лојален граѓанин на оваа општество?

Ааааа, ти Емина се викаш мори?

А мори, шиптарке. Шиптарка ли си?
Да, шиптарка сум. Што сакате? 

Мрш одовде. Тоа сакаме. Што мајка барате во македонска кафеана? 

И тогаш осетив пикавец во фацата. Репчето некој ми го корнеше. Маж постар од мене ми фрли пикавец во лице. Останав примирена, но само на секундa. Тогаш почнав и јас да урлам. Пак ме понижија. А само сакав своите гости на ѓезме да ги однесам. Не знам дали погрешив што се дадов во расправија, но...

Каде и да одам, сѐ истите шамари ги јадам. Цел живот на едно исто прашање мора да одговорам. Толку проклето, сѐ потсеќаше на онаа сцена од пред 30 години и ќотекот оти не знаев да одговорам на прашањето ''Кај ти е кечето''. Години изминаа, на народ памет не му дојде. 


Дојдов дома и липав од плачење. Болеше изгаснетиот пикавец на мојот образ. Се напив еден дијазепам ноќеска. Телото ми играше бетер од ''Чифте, чифте пајтонлари''. Од тоа чифте поделеност во оваа општество, пак на голем национализам и омраза мириса. А јас држи се за македонски пасош и државјанство ко залудена. Абе, Сандра, кој кур му е бе на народот? Што му е малку бе?

Ех моја Емине, ех мори душо плукана.

И да си христијанка, пак ќотек ќе јадеш. Овде ретко различен се прифаќа. Друго не знам што да ти кажам, освен да те советувам...

Вечер, на својот универзум помоли се.

Нареди му да те крепи во деновите што доаѓаат, оти овде.. На дожд мириса и на најголема небеска ведрина. Жеден е народот за уште. Затоа и на дожд пак повикува.

П.С

Приказната е вистинска. Се е вистинско, освен дека таа не се вика Емине. Ја тепате. Затоа не кажувам.