Ние имаме убави песни народни. Голема мудрост и љубов знае да се скрие во нивните стихови. Знае и по некое пророштво или клетва да се скрие исто така. Така творел народот, така твореле и нашите автори, во тој дух. Големиот Прличев во песната ''1762 лето'', стравувајќи од доаѓањето на грчката духовна власт која ќе посее омраза, најавува дека ќе дојдат времиња:"... да се мрази син со татка и со брата брат".
И дошле и минале, и ќе рече човек никогаш да не се вратат. Но изгледа тие времиња оставиле добро семе за пак да се повампират. Овој пат не од грчките духовници, ами од политичарите кои ете се борат против грчките неправди. Се борат против непријателите од југ со тоа што ги изнаоѓаат нивни јатаци меѓу нас, па тие се предавници кои кичма ќе виткаат, име ќе продаваат. А другите, да не останат покусо, велат: - A што друго освен елинизација е антиквизацијата и отфрлањето на се што е словенско?
Велат предавници се тие кои од св. Климента ќе се откажат. А и меѓу едните и меѓу другите, има и синови, и татковци, и браќа, и тоа честопати на различни страни. И се мрази син со татка, и со брата брат. И си тера тоа со години, и едни добиваат поени, а други губат на политичката сцена.
И така до небиднина.
И фала и на политиката, имаме цела година за карање и очи вадење, ама фала Му на Бога, имаме и еден ден за да се измириме. Имаме празник Прочка или Поклади. Ден кога секој подава рака на другиот барајќи прошка. Помладиот на постариот. Син на татка, на брата брат. А може и обратно. Зависи на кого како му тежи гревот направен кон другиот.
Некогаш простувањето е баш онака, искрено, ама за жал многу често проформа. Оди во стилот: јас кажав, ама до другиот е дали ќе ми прости или не. Ако не сака, на него нека биде гревот. И карневалите ни останале за спомен на тој ден.
Практични биле старите. Сфатиле уште пред многу векови дека треба да бараат и да даваат прошка, да си исчистат душа, да си олеснат совест, ама биле мудри па смислиле дека и не мора како личност да ја бараат прошката, ами како маска. Ќе се затскрие зад маската грешниот, и ќе бара и ќе дава прошка, па белким и ќе ги потрефи оние вистинските на кои треба да им даде или да побара прошка. И волкот сит и овците на број. Само што во таков случај волкот ќе е сит бидејќи ја изел суштината на празникот Прочка.
Давањето и барањето прошка значи нешто сосема друго. Значи секој да се сврти кон својот внатрешен човек, да побара и да го најде секое зло скриено во неговото срце, да се покае за секоја сторена неправда и грев кон својот ближен, па и кон својот непријател, да го исповеда гревот и да се труди никогаш да не го повтори. Во тоа и е суштината на борбата против гревот.
До душа каењето и барањето прошка треба да е секојдневие, ама затоа што постојано забораваме на тоа, Црквата премудро го дала овој ден за да не опомене и потсети на проштевањето. И тамам ќе помислиме добро е, белким се простивме меѓу себе и дека ќе се трудиме да се зачуваме во тој мир и желбата да не го повториме, повторно ќе се разочараме, бидејќи како што Црквата смислила празник на простувањето, така политиката смислила избори и предизборни кампањи, односно време за кавги и плукања, за вадење на валканици на другиот...
И пак од почеток во мразење со братот и со таткото свој. Дај Боже да грешам, ама пак очекувам толку црни и валкани да бидат тие кампањи, што и кога секоја недела би била прочка, не ќе може да се измијат толкавите меѓусебни плукања. Ме плаши тоа што наместо програми кои нудат поубаво утре и кои би се спроведувале во годините на власт, се повеќе гледаме клевети, дискредитирања на личности, билборди со пречкртани ликови, антиреклами, насловни страни со бомбастични наслови и корумпирачки фотографии...
И уште пострашно, при тоа не се напаѓани само директните учесници, ами замешуваат и цели фамилии, повредуваат малолетни деца кои потоа треба да се срамат од нивните родители... Дури и оние независните кои немаат намера да влегуваат во политика, туку најдобронамерно ќе укажат на некои пропусти и нелогичности на замешаните и предложените во гнасните кампањи, биваат медиумски распнувани.
Морам да потенцирам дека зборувам за сите страни, бидејќи гледам дека едната страна ме оквалификува како борец против нив, а другата како борец за нив. А што добивам или што губам, ако смеам да прашам и од едните и од другите? За добивање не знам, ама знам дека мирот душевен го губам сигурно. Не сакам страни, односно, сè што сакам е ферплеј и само ферплеј.
Како последица на сè, нивото на комуникација оди до таму што и коментарите на ФБ стануваат своевидно бојно поле за лични меѓусебни навреди со цел да се одбрани интересот на некоја партија.
И ќе опомене човек добронамерно дека вака браќа не оди, и ќе јаде по капа. Ќе го дигнат на клоци дека не му е местото да се бафта со политика. А кодексот на взаемно почитување и опомената за дигање на нивото на кампањата, политичка или морална тема е? И барањето да се понудат квалитетни економски програми наместо плукања и меѓусебни спуштања е политика или ниво на морал?
Па вака погледнато, пак ќе се запрашам, има ли право човек што не е политичар, па бил тој хигиеничар или Владика, да даде свое мислење а да не биде обвинет за мешање во политика? Вистина е дека политичарите ја тераат кампањата, ама вистина е и дека треба да се опомене да се дигнат барем малку од дното на кое одамна допреа со валканите кампањи.
Навистина не е мое да се мешам, ама мое е да кажам дека не е убаво да се полниме со злоба и не љубов. Не е мое да се мешам, ама се плашам дека и Велигденското торжество ќе го расипеме со тоа што годинава, Велигден се паѓа помеѓу прв и втор круг на изборите. Немој и од него политика да направиме, ве молам. Далеку е другата Прочка за да си ја простиме таа глупост потоа.
Не ја терајте Цркавата на Велигден да се вмешува во политика па на прашањето на Хемингвеј за кого бијат камбаните, да одговара: - Не прашувај за кого бијат камбаните, тие бијат за кампањите.
Отец Пимен
П. С. Лесни пости. И немојте да се фалите дека не јадете месо во постите, а при тоа во кампањата го јадете братот свој.