Feel-good колумна

Омилени ствари за декември

Затоа што пратам блогери и влогери, некои од нив фешн, некои од нив guilty pleasure, знам дека секој месец си наведуваат фаворити од производите што ги користеле. Во моево излагање нема да се задржам на производи, затоа што у вакво време кога нонстоп некој има да каже нешто гадно, човек е има константна потреба да си направи makeover на душата, и пукнете, ама јас активно се борам против црнила.

Па да почнеме.

1. Промоцијата на „Бавчите на Трендоленд" и нејзиниот хепиенд.

Високо прво место. На 17-ти декември, преубав народ се собра во МКЦ за да го прославиме нашето прво заедничко излегување на хартија, што масовно се купуваше со друга хартија, која се искористи за едни прекрасни суштества да се радуваат. Фејворит за месецов, а богами и за последните 100 години е да се биде дел од оваа екипа. Ве сакам и се радувам што се најдовме.

2. Feel good на Тумблр.

Некогаш треба многу малку за човек да живне. Во мрачни моменти, интернетот вика – повежбај малку, ама интернетот вика и на пример дека не треба да јадеш благо, или други работи што не ти одговараат. Така јас демократски одлучувам дека тоа можеби не е најдобро за мене во моментот, па се оградувам од секојдневната (социјално) медиумска лепеза и сама ги бирам статиите.

Хаштагот #feelgood на Тумблр, во комбинација со нешто што ме интересира во моментот, од типот food, article, book, movie, image, знае да донесе многу позитивна енергија, а да не морам да ги вадам сите осумсто прстени, да соблакам фармерки и да се качувам на шипка. Проблем може да настане ако побараш храна, а на Тумблр и боранија изгледа добро, па...

3. Мачето.

На 12-ти декември, поминаа 6 месеци откако едно сабајле гледајќи сиви мачиња на Инстаграм, се туфкав каде да најдам такво како на сликите. Истиот ден, вечерта, на тераса ми дојде трудна сива мачка и ми влезе во соба. Наредниот ден имав сиво машко маче. Во декемвриски фаворити ми е, затоа што си се чуваме за празниците сами, он мене од пајаци и од досада, јас него од ништо, пошто е неустрашиво. Освен ако некој не доаѓа од влез, а вратата е отворена, тоа е многу страшно, сфаќам, и мене ми е страв од непоканети гости.

4. Пишување.

Знаеме дека пишувам, еве читаме. Ама искрено, ни јас не сфаќав до скоро колку многу ме воодушевува тоа. Не мора да значи дека е добро и не мора да значи дека некој ќе прочита. Тоа оа што јас сама си го признавам како најубав момент е дека се фатив како навечер легнувам со план утредента да станам, да си направам кафе, да седнам пред компјутер, и да измислувам приказни, или да раскажувам ствари, со возбуда како да ќе одам на пат. И мислам дека е многу јако кога човек ќе открие што сака да прави. Фаворит за декември е, затоа што од овие причини сум до 30 000 збора од вториот роман. Може да е глуп. Ама ја станав сабајлево пак жива среќна.

5. Кафетин колд

Не е зима ако јас не се убијам со настинка. И не само што немам пари добиено за да го напишам ова тука, него јас уште шест пати ќе го преплатам производов за у вакви глупи денови на затнат нос и тапан-глава да го имам у фиока и во реал тајм да се одушевувам како полека ми праи боље. Тоа се тие зимски константи за среќа: љубов, храна и Кафетин колд.

6. Radio Tunes – Café De Paris

Многу, многу feel good ствар. Јас сум човек што ретко слуша музика, па од таму и немање навика да си барам музика за ќеиф на интернет, ама па татко ми ми го покажа Radio Tunes, каде што можеш да си избереш музика што ќе ти направи по дома да се осеќаш како во филм. Јасно, каснам, вие тоа го правите години уназад, ама еве го Café De Paris за кликање, па ќе го делиме филмот. Празници се, време е за делење. Што би не довело и до наредната омилена ствар за декември.

7. Хумани луѓе

Можеме да се бунтуваме колку сакаме против новогодишната атмосфера, да се жалиме и да се такмичиме кој ќе посочи посељачка ствар, али едно е сигурно: Повикот за хуманост во иста реченица со празниците буди нешто во луѓето, преставува повод и причина да станат подобри, и деновиве Фејсбукот ми е преполн со успешни акции за усреќување луѓе што имале помалку среќа од нас во текот на годината. Од школски прибор и мечиња за деца, до концерти и активности за повредени, луѓето во декември ја стишуваат својата неподносливост и уклучуваат алтруизам, некои малку, некои до даска и убаво е. Треба нонстоп така.

8. Кроасанот со овошје и бел крем од Пастел

А сега нешто вака опипливо. Дали сте го приметиле, и ако да, дали сте го пробале, и ако не – што ви е на вас? Одговорно тврдам дека не сум пробала повкусно благо годинава, и ова храбро го кажувам затоа што има уште една недела до крај, знам и колку храна ме чека, ама знам и дека кроасанот е толку добар, што ништо нема да го надмаши. Толку е добар, што ти се ствара внатрешен конфликт, дали да го поделиш со некој, или да го скриеш некако, да се пикнеш у некој подрум и да го јадеш сам, затоа што, не знам дали сте приметиле дека кога е нешто толку добро, бара интима. Знам дека ризикувам да ми снемува сега кога сите ќе го дознаат, ама па, празници се, време да споделуваме радост, а кроасанот бар неколку минути те тера да заборавиш и на неубави ствари, а такви за жал, колку сакаш.

9. Деновите и ноќите пред и после новогодишната вечер.

Одамна заклучивме (некои од вас уште гласно заклучуваат и треба да се смират) дека вечерта 31-ви према 1-ви не е ништо посебно. Единствен начин да бидам возбудена дека ќе славам нова година, е ако славам во Хотел Кратис, или во австралиско-македонска кафана, или сеедно опкружена со културно миље што не ми е дел од секојдневието, а бидејќи се уште ме мрзи да правам таков елаборативен авантуристички подвиг, ќе бидам во домашна атмосфера, со пригодна програма на телевизија. А тоа што ми претставува задоволство околу важната вечер, е пиење кафе по украсени кафичи на 30-ти, 31-ви и 1-ви, кога луѓето не се скроз потресени, а се весели, кога атмосферата е поопуштена, музиката попријатна, и забораваш дека е обичен ден во календарот. Затоа што под изговор дека Нова година е блиску, келнерите се понасмеани, луѓето посреќни, а кафето потопло и повкусно.

Ако имате feel good ствари да споделите, слободно пишете ми на мејл. Ако ја позајмите финтата со Тумблр, бидете внимателни, затоа што Тумблр си е Тумблр.

А ако не се пишеме пак до нова година – со лесно, со здравје и со памет у глава.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

28 декември 2015 - 16:16