Како од двајца што делат ствари, стануваме едно што прави глупости?

Ако нешто не се спомнува не значи дека е заборавено.
Секоја година, илјадници млади (и постари) луѓе се впуштаат во непримерни активности на социјалните мрежи.
Секоја година, пред наши очи, илјадници нови млади гледаат дека тоа е опција и кобно го следат примерот на нивните постари и поискусни сограѓани.
Да ставиме крај на заедничките профили!

Добро, не мора да ставиме крај, затоа што така само политика ќе ни остане за мајтап, а јас само сакам да издраматизирам наместо да напишам глуп вовед. Ама па, заедничките профили станаа толку секојдневна работа, што веќе заборавивме дека треба да raise awareness.

Замислете само колку е тоа глупо, вчера си бил еден човек, единка, индивидуа, си имал свој профил, свој кревет, свој телефон, свои навики, а денес влегуваш во врска и сè е заедничко!
Како така сè е заедничко?

„Затоа што се сакаме и стануваме едно".

Затоа и он има пристап до нејзините пораки, а она доаѓа со него кога он гледа фудбал. Она искача со другарки, он застанат како глуп до нив. И затоа профили од типот Мирјаназоки Величковски Петровски.

Кој бре ги научи дека е тоа сакање?

Прво, како што ќе каже една моја мудра другарка, профилот е мој, и служи за таму да има слики каде што сум јас најубава.

Таму може, А НЕ МОРА да има слики од дечко ми/маж ми/девојка ми кој/а што е еден прекрасен составен дел од мојот живот.

И што е најважно профилот служи за комуникација* со моите луѓе, и на моите размислувања, ставови, досетки и на крај краева, глупости.

*Под комуникација не спаѓаат љубовни и сексуални премрежија, ситуации и контакти настанати зад затворени врати, во брачен кревет и работи ЗА КОИ ШТО ПОСТОИ ПОРАКА, МЕЈЛ И КАФЕ.

Како од двајца што делат ствари, стануваме едно што прави глупости?
Не се знае.

Или затоа што заборавивме дека и покрај тоа што сме во врска, можеме да патуваме сами.
Можеме да излеземе сами.
Можеме да не кажеме кај сме.
Можеме да не кажеме што правиме.
Можеме сами да донесеме одлуки.
Можеме да се прибереме кога сакаме и од кај сакаме.
А уствари, можеме и све заедно да правиме, ако ни е така ќеиф.

Ама тоа да не биде уште еден доказ за нашата вонсериска љубов. Затоа што ако е тоа доказот, онда имаме проблем. Затоа што јас сега можам да направам заеднички профил и со првиот комшија, и со сила да му ги покажувам пораките во телефон, и да идам со него во кладилница, ама тоа не значи дека ќе го поднесувам повеќе.

„Така збориш затоа што никогаш нема да спознаеш таква љубов како нашата".
Таква обемна, напорна, јавна љубов, што се мери во тоа колку луѓе виделе дека постои? Па никогаш изглеа, да.

Уште поголема мистерија ми е како луѓето со заедничките профили и заедничкото мачење на околината, кога ќе се вратат пак на сопствениот профил и сопственото име (читај: ќе раскинат), најсмирено продолжуваат со своите индивидуални постоења на социјални мрежи, без да им дојде да се акнат од земја дека нешто можеби биле глупи претходно. Се понаша како ништо да не било. И многу често го повторува истото со наредниот партнер.

Предлагам појачање. Ако сме едно, тогаш едно до крај. Ти кожни хеланки, он кожни хеланки. Нема што тука машко-женска гардероба, едно си е едно. Љубовта е позната по тоа што не препознава возрасти, раси, нации и полови, па за едни хеланки ли? Не бидете тесноумни. Он 42-ка кондури, и ти мора. Шетајте се или шишани кец, или со розеви бунди, и кога ептен добро ќе се знаете и нема да има никаков сомнеж дека сте створени еден за друг, почнете да купувате XXXL гардероба, и бутајте се во по една ногавица, и во една маица.

Ништо не е глупо кога сме заљубени.

Јана

Имињата се измислени
Секое поклопување е ненамерно и крајно добредојдено за сеир.

2 февруари 2015 - 09:51