Отворено писмо за сите хејтери

„Драга особо што остави негативен коментар за нешто на интернет"

Се мислев нешто да пишам, ама во меѓувреме налетав на едно толку прекрасно срочено обраќање кон обичното интернет граѓанство, што просто ми падна криво што не сум го напишала јас. Многу е добро, и јас сега ќе ви приуштам еден слободен превод:

Здраво.

Го читаш ова затоа што веројатно објави негативен коментар на интернет, за нешто што некој го направил. Можеби било за некој што создава ствари. Затоа би сакал/а да ти се обратам на кратко. Што е уште поважно, сакам да ти поставам едно важно прашање.

Еве го прашањето:

Што правиш?!

Не те прашувам дали веруваш во тоа во кое што веруваш. Те молам да ме разбереш. Те прашувам што тоа ти правиш со твоето слободно време и твоите зборови. Отиде на интернет и објави дека, според тебе, нешто е помалку од идеално. Според тебе.

Добро.

Објасни ли зошто? Понуди ли предлози како да се подобри тоа што тебе не ти се свиѓа?
Во овој момент, можеби ти се чини дека не е твоја работа да ги подобруваш работите. Едноставно сакаш луѓето да знаат дека тоа нешто е тапа.

Мдобро.

Зошто?

Онака озбилно, ај размисли. Зошто им кажуваш на луѓето дека е ова тапа? Да ги предупредиш да не го купуваат, или да не го гледаат во кино, или да не го јадат? Опасно е нештото? Ќе бидат луѓето повредени ако не интервенираш? Ако одговорот е да, тогаш, жити мајка, престани да го читаш ова и продолжи со несебичното помагање.

Но.

Ако планираш да ги спасуваш другите, да не случајно и на нив не им се свиѓа, размисли за следното:

Луѓето имаат широк дијапазон на интереси.

Дали би влегол во Седмица и би му пришол на некој господин што мирно јаде хамбургер, да му објасниш дека сметаш дека комбинираниот е ужасен? Јас мислам не.
Тогаш зошто би се појавил на интернет, за на непознати да им објаснуваш што мислиш за нешто што на нив можеби би им било многу јако? Поточно, зошто правиш така без да го побараат тоа од тебе?

Имам една теорија за ова и мислам дека сум во право. Сакам да размислиш за фактот дека постои можност ова да го правиш за внимание.

Те молам да не се вреѓаш од оваа теорија. На некој начин, и јас го пишувам ова за внимание. Вниманието е корисно. Може да донесе и пари. Не мора да значи дека е погрешно да се обидуваш да привлечеш внимание.

Но.

Овој пат, бараш внимание на нечиј туѓ грб. И голема е веројатноста дека си излегол кретен. Не можеш да се оддалечиш од тоа. Се закачаш со некое дете, за другите во класот да мислат дека си фраер. Но за твоја несреќа и за несреќа на твојот коментар, ова не е трето одделение. Интернетот е попаметен. Нашата култура е потолерантна. А коментарите како твојот повеќе не се во ред.
Можеби се работи за нешто што го исмеваш, но некој тоа го создал. Големи се шансите некој напорно да работел додека се трудел да срочи нешто во кое луѓето ќе уживаат. Големи се шансите дури и да тој човек да биде демотивиран од пролазен критицизам како твојот.

Еве зошто е тоа важно.

Тебе ти се свиѓаат ствари. Ти се свиѓаат ствари до степен да сакаш да ги задушиш лошите ствари, за да има само добри ствари. Ама личноста што го создала тоа, исто така сака ствари. Затоа и создава ствари.

Значи.

Остави го човекот да се обидува. Остави го да си го работи тоа во фино опкружување, кое ти можеш да го овозможиш. И ќе се случи следното: Нештата ќе станат подобри. А ти ќе имаш повеќе нешта за сакање. Ќе те чини сето тоа внимание што може си го добил инаку, но ќе вреди. Ветувам.
Може си викаш, ЕЈ, ЌЕ ЗБОРАМ ШО САКАМ, ОВА Е ИНТЕРНЕТ. И во право си. Можеш. Но сакам да размислиш дека не треба. Нема сигурно да шеташ низ Сити Мол и да им раскажуваш на сите колку ти е грд комшијата. Тоа воопшто не е нелегално, колку што знам. Ама не треба.

Затоа те молам потруди се твојот коментар да го направиш конструктивен и несебичен. И прати што ќе се случува.

Со години, луѓето трпат вакви работи и се тешат дека „така е тоа на интернет". Но тоа не може така.

Вака ќе биде.

2014-та е. Постојат многу начини да се привлече внимание овие денови. Сликај се со кучето. Ќе добиеш лавина коментари. Не ги барај на туѓ грб, повредувајќи луѓе и идеи по пат.

Ако можеш да направиш, или си направил нешто подобро од тоа што мислиш дека е тапа, споделете го. Може мислиш дека тоа е арогантно, но сепак е помалку арогантно од фрлање ѓубре и бегање. Затоа што конкуренцијата оди напред, а ти си фер со тоа што се се подложуваш себеси на критика, како што тоа го прави личноста што упорно ја плукаш. Таа личност е пред тебе. Веќе се покажала пред јавноста. Направи го истото, или биди учтив и корисен. Инаку, само сметаш.

Така работите стануваат подобри. Така ние стануваме подобри.

Јана

твитер

мејл: nultapozitiv@yahoo.com

19 март 2014 - 20:54