A кај вас дома кој носи панталони?

Се уште сакам мажи со стомак и влакна. Со нечупани веѓи, кои не одат по солариуми три пати неделно и кои не мислат два саати што да облечат. И посебно ме нервираат оние кои јадат една салата и пијат вода за да не се здебелат. И мрчат дека не знаеме да готвиме. Како тие да знаат да го поправат лавабото кога тече.

Да се разбереме, не сум ниту закоравена феминистка ниту хомофоб, напротив. Само не сакам да се натпреварувам со стрејт мажи во тоа кој има повеќе креми и маски за лице. И  во нашево време, многу работи ми изгледаат како да го изгубиле правецот. Може да збориме за светот кој некогаш бил линеарен, во кој машкото е различно од женското, во кој алиштата имаат пол, во кој улогите се јасно поделени, во кој функциите имаат полова логика. Денес тоа веќе не е така. Затоа:"Шшшшшт".

Немојте многу "Жените денес вака, жените денес онака". Не сакам ни збор да чујам. Се жалат колку ние веќе не сме како жените од порано. А тоа што тие ни од далеку не личат на нивните претходници, тоа нема врска така?

Пази. Дремат по козметички салони, одат на масажи, одат на педикир, си ги чупаат веѓите, употребуваат ноќни хидратантни креми, се задржуваат во ве-це повеќе од нас и после ние не сме биле како жените од порано. Неодамна прочитав дека во Италија, мажите посветуваат сè помалку време за вечери со пријателите, кино и други активности и сè почесто трошат време за нега на сопствените тела. И трошат годишно околу 250 милиони евра за козметички средства (?!).

Многу пати блеам во екран и си викам " Маж ли си, жена ли си, што си?" На естетски план, мажите сè повеќе ни заличуваат, убавината е сè повеќе деликатна, нежна и сè поженствена. Новата генерација на мажи нема ништо, ама баш ништо мажествено во себе: сите дечки личат меѓу себе, со тесни рамења, со ситна конституција, мали рачиња, а да не зборам за оние кои носат еспадрилки, си ги подвиткуваат пантaлоните и носат тесни " кивни да пукнам" кошули...срцки. A и митот за латинските љубовници отиде у бестрага. Ако постои доброволец да ми објасни зашто тип ко Бориело си ги депилира градите, бујрум, кажете што имате.

Нашиот (женски) одговор на оваа феминизираност е пропорционален: сè повеќе широки панталони, сè помалку дарежливи деколтеа, сè помалку сукњи и разиграни фустанчиња. Истото се случува и надвор од модата. Сè помалку знаеме да правиме женски работи, да пегламе, да месиме или да се занимаваме со градинарство на пример.

Не мора да спомнувам дека најголем дел од денешните мажи се технолошки ѕверки, ама кога се работи за рачни работи не знаат ни една полица да монтираат. За среќа, ние од спротивниот пол немаме обичај да тупиме за сè што тие не знаат да направат. И ние веќе сме се научиле да не очекуваме чуда.

Eволуцијата на улогите е очигледна и дека денес можеме да заборавиме на класичната класификација на машки или женски работи. Сигурно ви се десило да паднете на муабет со закржлавени мажи кои даваат коментари од типот: "Мажите возат подобро, најголемите хирурзи се мажи, најпознатите модни дизајнери се мажи, најголемите готвачи се мажи..."Така?! Тогаш, после работа, трк у кујна, да спремате ручек вие наместо жена ви!

Навикната сум да гледам ултра модерни мажиња кои нарцисоидно се лицкаат и се пицкаат, си ја поправаат фризурата во ретровизор и на таквите гестови веќе отрпнав. Кога се работи за мој личен избор, заљубена во улогата на жена, спротивниот пол го сакам во попримитивна форма. Па и кога смрди. Убави ми се кога не се толку пицнати. Ама како што поминува времето по улица гледам сè повеќе поженкарени и понеспособни мажи. Залижани, депилирани и светнати со испеглани коси кои сигурно не си ги валкаат рацете за да ја сменат гумата од колата ако е потребно.

На Балканот (со сите маани и предности) многу работи уште се останати како некогаш. Сепак, пазете се драги мои читателки, зашто ако и кај вас стигне оваа "фемининизирана" треска, ќе се молите да се појави некој маж што смрди на ракија и има пивско стомаче. И дури тогаш ќе чекате ко утки два саати пред ве-це за да ви дојде редот да се нашминкате.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

28 мај 2012 - 23:07