Еден збор кажува илјада слики

Перцепција

Во една дискусија со пријател уметник пред некој ден дискутиравме за перцепцијата (како визуелната, така и психичката и физичката). Факт е дека никој не ги гледа работите како тебе или мене, можеби некој само приближно - нијанси се секогаш во прашање.

Господ ме дал пуст инает, морало да се реплицира и да се изанализира сè и сешто, потрага по перфекција и секогаш барајќи подобро и повеќе од луѓето, со надеж дека сме на иста бранова должина - а не сме!

Минатиов викенд бев на традиционалниот, веќе петти по ред "Штип Хоп", кој се оддржува во штипското МКЦ.

Организиран од пријателите и од семејството на прерано починатиот Пури Творецот, фестивалот има хуманитарен карактер, и е со хипхоп предзнак се разбира, имајќи предвид дека и самиот Пури беше хипхоп.

Настанот помина одлично со посетеност- сепак не се наплаќаше карта и имаше одлични бендови од македонскиот хипхоп.

Мојот пријател Пури почина од болест, животот не му беше одземен од човек, полицаец или насилник, а датумот е многу блиску со 6. јуни и инцидентот на Скопскиот плоштад од лани.

Со тоа повторно се враќаме во мојот град, град на гревот, град на премолчен гнев каде тензијата лебди во воздухот небаре е мирис од липа - толку силно.

Сите знаат, ама баш сите.

Од хигиеничарката во основното училиште до портпаролот на владата на РМ, сите знаат дека нешто не е во ред...и продолжуваат со секојдневните активности, а липите сè повеќе и повеќе мирисаат - камо среќа да мирисаше така.

Мене ми смрди, можеби е само до мене, јас имам донкихотовски комплекс да се борам против ветерните мелници, кои се џинови во мојот ум...

Јас сум еден од мутантите, гледам црно на розево и крв на асфалтот која е оддамна измиена, а сè уште мириса.

Жал ми е, и не се преправам дека е во ред (пеер ко Нео у Матрикс, бројките и агентите! )

ПС:

Околу позитивните аспекти на спектарот неколку одлични новости од нашето опкружување, дозволете ми да ви го претставам Foolish Green.

Да ве поканам на промоцијата на Зад Аголот во петок во МЦМ од 20 часот.

Да ве известам за првиот Македонски хипхоп камп во Охрид 27-28 Јули во организација на Шурикен рекордс  со миљарда настапувачи од Македонија и од странство - stay tooned!

6 јуни 2012 - 13:11