Друштво на млади писатели?! – Не, фала, млад сум јас за таму!

Друштво на млади писатели?! – Не, фала, млад сум јас за таму!
Еве од прва да не ја тупиме, ако ве мрзи да читате надолу!
Знаете зошто не ве читаат? – Зашто не пишувате со срце, ете затоа!
А тоа па, не се учи.
Пред некој ден некој читав една колумна книжевна критика.
Ама онака одоколу - одоколу. 
Па вратив – си кажав.
Па после колумна цела за мојата реакција.

Од друг  колега.

Игнорирав.
Па пак после.

Ко стеници ебате.

Нема ништо подосадно од книжевна критика.

И мерење на луѓе што пишуваат.

Многу се тресат глупости. Многу, со опроштење секоја чест на исклучоци.
Отмени глупости.
А знаете што е подосадно од книжевна критика онака мераклиски да седнеш и да слушаш?!
Поетско читање!
А од поетско читање?! Поетски фестивал! Да, да, со сиот простаклук го зборувам ова.
А од поетски фестивал?
Поетски фестивал на млади поети каде сите се тапшаат по рамо и секој секому вели дека е „луциден млад восклик полн метафори и набој упатен накај космосот".
За греота.
Баш за греота би било прав збор.

Кој сте вие да судите што е добро и што е лошо?

Кој ви се мерилата ? Колку ви се годините? Колкави ви се егата? 

Завист до Русија. Его до Австралија.

Копиљаци баш...

И си се тапшаш по рамо, пиеш блуткаво вино во пластични чаши и климаш со главата ко на Хелекс на сите со насмевка сочна како пластично грозје во Голф двојка ставен на ретровизор огледалце стоен на пластичарска на плус 45 сонце.
Е, со таква сочна насмевка само климаш и на све викаш „да, да , да ". Па на некој твоја генерација од бина ќе му се обратиш со „почитуван" или „почитувана",или „драг" или „драга", пошто нели така се налага, иако може приватно и другари сте.
Почитта е за старите. Почитта за мене е австралопитекус ако е љубовта и спонтаноста и хомосапиенс на еволутивно ниво.
Љубовта, спонтаноста, ведрината и насмевката и „пеер" „ баце" „буљо" ред други епитети се и им личат на младите.
Па фино културно, оп во периодика, во казахстанска антологија, во караван посветен на балтичката поезија и светскиот мир и мисиците после.
Па покана за симпозиум.
Па покана за не знам ти што после.
Мене ми се блуе од тоа.
Ми се блуе.
Ми се блуе од пикање под академски сукњи.
Ми се блуе од пипкање по академски костуми.
Знам кај е „Лајка" оти ми личи на годините.
Знам кај е и Министерство за култура.
Од општа култура.
Појма немам кој за што е – вие сите ги знаете.
Сите фондови, сите програми, сите глупости.
Ви требаат за „амин“ од таму за издавање и за потврдување дека сте вредни?
За што ви треба потврда, за што?
Два пати да ве потапша некое „име“, на семафори да ве пофали, во биографии го ставате.

За раката ваша дека исправно постапила што запишала?
Па пишеле милијарди пред вас.
Па и ја, голема работа!
За она во главата?
Мислеле милијарди пред вас.
Па и ја (чат – пат), голема работа!
За она во срцето?
За срцето да ви каже ли некој како треба да чука?
Па исто како што се чука по тастатурата кога „тоа" ќе ти дојде да го запишеш.
Самото си брка работа. Не прашува тоа!
Зашто вие дали е исправно тоа би прашувале?
Аристотел ли треба да го прашате за тоа?
Дали е во ред дали се вклопува во одредена форма, дали требало да има линк од Јутуб насреде или не?
Која е таа слобода? Кој треба да ви ја даде?
Потврда ли треба да се земе од негде изим ли со молба и ПП50?
Секој од нас во крвта има доволно железо, дури и анемичните луѓе.
Тамн толку колку да не се распадне.
И колку за срцето синџири да си искова ако му се сака, тамн толку, баш толку ете.
Ви ги бичуваат ли мозоците срцата дури пишувате?
Трпите ли ?
Е па немојте, нема потреба!
Ебате слободота без ќошиња што викаше Дукац така ам?

На моменти делува толку гротескно сè! 

До кога така? Еволуира книжевноста дечки - се еволуира и Бог еволуира. 

Како МПЦ сте баш така како МПЦ кога бараше да му забранат Фејсбук на свештенството.   

Блаже со присно срце го гледал ангелот од Курбиново, а не преку призмата за византиското сликарство.
Помалце читајте! 

Отупени сте! 

Повеќе гледајте им во очи на тие околу вас блиските.

Дедо ми покоен имаше еден другар доктор на науки - некогаш му велеше „Од што си паметен до ке  - тенеќе си! “ .
Засткривање зад нејасни зборови во безживотни текстови – помалце.
Млатење слама и глуматање салонска воздржаност и повикување на авторитети – помалце.
Јас сум Дарко Лешоски.
Немам ниеден труд во ниедна периодика и ниеден есеј посветен на книжевноста.

Јас сум син на татко ми кој не е никакво име во македонската книжевност. Нит е којзнае колку влијателен.

Татко ми ме заспиваше со приказни од Цепенков. Дедо ми со приказни од Грим.
Баба ми знаеше како се пуштаат „Приказни" на видео кога немаше некој од нив дома (ваљда заради јазикот нели овај пошто сте вие чувари негови - треба да додадам и „рекордер" после „видео".)
Мајка ми ми купуваше од 2 години сликовници. Нигде не сме мрдале без нив.
Најубава ми беше The Luck Child од Jim Henson ако ви текнува(боже мој, велам намерно ако ви текнува од кај да знам може дури сум гледал јас тоа на 5-6 години вие Пруст сте го читале).
Пишував семинарски од што морав, и не сум гостувал на ниедно предавање, нит па се чувствувам компетентен иако освен еднаш на мое големо задоволство нели овај кај една млада професорка и фала и сега што воопшто на оние стандардни предавања нашето не личеше.
Затоа знам дека некое од нејзините деца ќе ги биде.
Оној Дарко од Фејсбук сум, да.
Да.
Дечко, момак што пред два месеца ја направи најголемата промоција на поетска книга било кога во Македонија.
Го негирале тоа вие или не.
Јас сум оној истиот оној истиот Дарко истата вечер што продаде цел тираж од „успешен“ македонски поет за два саати како цистерна супер бензин во девеесвтора во Белград кризата и шверцот со нафта кога беше.
За неполн месец дупло од успешен.
За месец и пол второ издание.
Во време кога се плаче по телевизии за леб.
Во време кога постојат 3 милиони бесплатни порно сајтови и секакви мултимедијални содржини по Интернет дури родителите им се превртуваат во кревет како да ги платат меѓу другото и интернет сметките, јас ви ги натерав децата од 15-16 години кога немаат живци за било што повеќе од три секунди да читаат и 300 редови факинг поезија пред спиење.
Јас ви ги натерав вашите мајки и татковци кои вас не ве читаат или ве читале ради атер да потчитнуваат факинг поезија од време на време и дека тоа арно е.
Ете ви ги вашите пет минути!
Пишувајте.
Не се споредувајте и правете социолошки политички книжевни анализи на пазар. Знам колку може тоа човек што пишува да му иде. Едвај пинот од банка си го памтам. Уствари вас може повеќе ви иде тоа  од кај да знам.
Јас, ниедна факинг кампања на било која Влада досега.
Ниедна ваша книжевна насока ил критика, ниедна беседа, ниеден симпозиум (со она стандарното „при" што го додаваат „при тој и тој факултет, при таа и таа устанува" ). Уште со тоа „при" „при" „ при" основното училиште како што ве учеле, ништо не менувајте ебате!

Јас, сум тој Дарко - не вие!
И не ја барам вашата почит, најискрено.
Нит планирам да ви доставувам листа за вредности кој што рекол за мене.
Почитта чувајте си ја за постарите.
Мене доволни ми се улиците, пазарите, кафаните, дискотеките, таксистите, другарите, другарките...
Барам само кога некој ќе ви возврати (читај: ви дал до значење!) на вашите „сатенски" критики, дека „сè тоа е срање" ; „дека народот ви е заостанат" ; „дека дебили се младите"; „дека треба вие да ги зачувате вредностите“ дека „книжевноста треба да се спаси“ итн....  барам само кога ќе ви врати некој ваков варварски одговор вака како мене, исто академски и ладнокрво да издржите.
Без многу драмење дека некого сум расчеречил дека потем сум се мочал на моштите (боже ме сачувај – драмење ли драмење Алиша Силверстоун во „Клулез" е мало дете...) па дека треба вие баш вие да ја спасите македонската книжевност од вакви како мене (инаку ова за Наполеон синдром е многу својствено - исто куку мене... ве знаат ли вашите од дома?)
Човек сум.
Срце е.
Едноставно некогаш човек има потреба да лупне со раката на маса и како во оној клипот со комуналецот да извика: „Чекајте малце другари !“ Не се занасувајте!
И аман заман да му се сневиди – пу пу скраја да е!
Разбирам ја и да не биди буквален и митот за Дионис го знам и за аспарагмосот ама не си ласкајте! 

Има еден миг во сабота наутро кога се поклопува последното зуење од Сектор басот во ушите и со утринската молитва од џамиите и камбаната од Соборен која ќе ги престигне.

Чади бурекот или симитот во рацете и части небото голтка зраци низ ждрелото
Мислам дека во тие мигови и ангелот од Курбиново за миг, за кратко се смее.
Му капи стреата додуше.
Ама се смее и после сè.
Зашто му е гајле!
Зашто му е гајле!
Така мене ми е гајле за сите ваши интелектуални споредби и критики.
Се живее поезијата.

Не се учи и не се чита или се продава или се оценува или се купува .
Или се живее или не.
Или живее или не.
Како срцето е.
Или чука или не.

П.С: На мојата промоција ја викнав професорката која ми беше најдрага на факултет.
Од оние ретки проферсори кои не си бараат поклонување пред авторитет од одма зошто знаат дека таквиот е лажен, ами си го заслужуваат со текот на студирањето зашто знаат дека тој послем, цел живот трае.

Немавме поврзано два реда муабет со години сè до вечерта.

Појма немав ни знаев што ќе каже.

Ја викнав намерно зашто не сакав некој да се припотресува по мене, не сакав да ме кити ко паун блиските кои ме знаат знаат дека фалењето ми е терет.

Ја викнав нејзе зашто знаев дека не знае да ласка и е искрена – дека тоа и е испод чест.
Ноќта таа ја раскажа приказната за Јосиф. Момчето од Стариот Завет и ми даде портокал.
Мислев дека претера. Да, баш мислев дека претера малце и дури зборуваше се смеев. Сега гледам колку гледала подалеку од мене. И сега јас знам дека треба да се држам подалеку од вас како и досега.
И да исправам една работа што не ја сторив ноќта: кога ќе ја видам пак на случајно негде нејзе да ја гушнам само.
Само тоа! Да ја гушнам од срце без да ѝ кажам зошто.
Само тоа, ете.
Некои луѓе на погреби и кај не многу близок плачат и викаат најсилно.
Таквите им е криво што не се мртовецот, оти него му се поклонуваат сите тој ден.
Од стално сум сакал да врзам шамар на некој таков. Макар вербален.
Сум сакал од стално ете... простете.
Не сме исти, ни за споредба - ни за ништо!
Нема ни да бидеме! Поздрав и чувајте си ја младоста! Нема ништо поубаво од неа! 

Дарко Лешоски

18 февруари 2014 - 12:44