Сосема е рисјански човек да се потресе од една ваква вест која драстично ги менува работите во светот на интернетот, светската економија, порастот на продажбата на антидепресанти и виртуелни пестициди и гној за Фармвил. Нормално, во духот на традиционалното воспитание, природен е поривот да си го браниме своето, а МПЦ е наша своина. Дотолку повеќе што МПЦ и покрај тоа што во своето стадо ги збира сите руди јагненца како мене и тебе, таа сепак си е посебна организација со правила на игра по кои суверено си одредува каков терк ќе фаќа. Затоа, јас сум тука како еден обичен прост граѓанин, само да им помогнам со неколку идеи.
Какви идеи? Во склад со генералната политика на МПЦ. Истиот дискурс, проширена варијанта. Предлагач на најновиот брилијантен указ за забрана за користење на Фејсбук за свештените лица на МПЦ бил владиката Петар. Сега е полесно да се фати насоката, кога човек знае кој прогресивен ум е задолжен за збивање на редовите во нашата црква, на кои збивање секогаш само може да им прија.
Не знам дали следите, на неодамneшната прослава по повод 1.700 години од Миланскиот едикт во Ниш, Србија, бачкиот епископ Иринеј (Иринеј бачко, јоу јоу) преведено и проширено го натсинхронизираше Вселенскиот патријарх Вартоломеј (Император Васиона нешо ко Палпатин од Стар Ворс, само со посветлуцкава облека, ко соба во Версај) и не заборави да му се испушти (замисли јас да ја испуштев сеа најохридската буква) нешо налик ова: „...гррр бррррмуахуахуахуахуа парацрква квака квака квака сиу сиу фииууу Јован муљмуљмуљ државата бууууууу шаканакашаканака...", додека пак српските медиуми уште утредента нè убедуваа дека Бачко Ири не го кажал тоа кога го преведувал Палпатин Православски кој непреведено и неинтегрално мене ми звучеше вака: „Ај анасана, Всељен империја машала гељди каже двазбора: едно земја де безобразно башка фирма неканонско, мммм, сиктер ме архиепископ де братско лојално и јоктур ќеиф Империја правељо. Ај слушало де ќерка ме сетило се снао, пу пу, скраја било ме подалеку де спомнуело име Македон, то народ брастколари ме слога југомагнат и јединство православљур амикако".
Но биди мирен народе македонски, владиката Петар ќе го осветли патот, со факел, лет-ламба или чернобилски фосил. Има план дедото. На ваквата провокација од типот „ела бе еден ластик да ти закачам" од страна на Стамболската Вселанска Станица за Ортодоксија ќе реагираме јако, оштро, збунувачки, да не знаат во Цариград што се случува, да ги шашардисаме.
Еве што мислам дека се случило на седницата на Синодот на која Петар Премудриот понудил решение за сите проблеми на МПЦ:
Влегува џуџе дотерано со црвен качкет и зелено-портокалева плишана униформа, знаме во едната и труба во другата рака, мава два-три фанфарољубни страдалнички тона и вика: ДА ВНИМААВАМЕЕЕ! па повторно, али една октава подолу си прави сам пратечи вокал: да внимавамеее! Ќе зборува Владика, оооој!
И тука улетава Петар и го одржува историскиот говор:
„Јас владиката Петар познат по неколкуте светски чуда од мудри мисли како на пример дека Мерилин Монро се самоубила пошо немала деца кутрата како и дека жените во Македонија се виновни за многуте разводи пошо многу им знае тоа тамбурата, предлагам да воведеме Забрана за користење на фејсбук кај нашите свештени лица! Сега почитувани собрадници нема да може никој да им клика лајк на фотографиите на технолошки заблудениот Папа Францис кој прави смртни гревови од типот „користење на фејсбук и твитер и сликање со верниците и објавување на тие фотографии на интернет амиииииин" поради кои Горниот ваљда му е многу лут. Не знам. Не сум се чул деновиве со Него. Ако ме поддржите, никој повеќе, а нема да кажам кој бидејќи нема некој посебно, значи, никој повеќе нема да може да се кара со чедото осетливо Агатангел на фејсбук, амиииииин. Кој *кхм* и *кхм* да *кхм* е тој *кхххм кххххм*."
Погледнува прекорливо кон Скандинавскиот полуостров и целата декаденција на западните држави, продолжувајќи:
„Ако воведеме забрана за фејсбук за свештените лица, сега никој повеќе нема да може да поставува досадни прашања на интернет поврзани со религијата и да добие одговор од официјално лице на МПЦ (а ќе може рецимо од неофицијалните параспури спомнати од бачко Ики и Палпатин Православац – заб.авт.), никој повеќе нема да може да разменува мислења и рисјански мудрости со други верници и никој нема да може приватно да му пише на својот духовен отец кој е на 100, 500 и други видови на стотици километри од него и неговата Црква, за било каква работа, среќа или мака, туку ако толку е верник нека оди да се види со него, амииииин. Ако го укинеме тој ѓаволски фејсбук кој носи само искушенија, како што кажа колегата од Русија, Патријархот Кирил кој ги замоли монасите да не ги користат мобилните телефони за да ги избегнат дополнителните искушенија, нема ни ние сачувај Боже да паднеме на искушение и да размислуваме на пример за Мерилин Монро и нејзиниот неостварен пораѓај и нема да кушаме и искушаме на слики на автомобили кои ни фал...НЕ НИ ФАЛАТ НЕ НИ ФАЛАТ И НЕ ГИ ПОСАКУВАМЕ, амииииииин"
Зборовите се одбиваат од лустерите како кукла за тестирање од воздушно перниче на нов џип БМВ. Се распрскуваат низ собата и се впиваат во азотот од воздухот како леб макнат во масло од прасе во земјена тава. Синодот свети! Дел владици кимаат со глава, дел се задремани, некои чачкаат мобилен и повремено дигаат глава кон дедо Петар како да ѕиркаат телетекс без да имаат уплатено. Агатангел има сериозна фаца и во себе стопати вика „ТАКАЈЕ БРАОС, КАКОВ ИНТЕЛЕКС", а Тимотеј полуаутистично со едната рака си ја потпира главата а со другата го скицира Паско во тетратка со тесни и широки. Архиепископот мудро молчи.
Петар финишира станувајќи од фотелја и со жезол во рака вели:
„ДА ГО СНЕМА ТОЈ ФЕЈСБУК. ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ, СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ, ДИЛИТ"
Два-тројца стануваат со громогласен аплауз, уште толку се будат од викањето, овие со телефоните се гледаат контролно меѓу себе и си продолжуваат. Тимотеј се уште црта, му прави кајче на Паско. Агатангел пишува СМС до Пимен: „Кааај си бе брат бе, ареееен?". Дедо ГГ Стефан со иста фаца, гледа во Петар и размислува што би било ако Петар запишел рударско-геолошки наместо теологија, чисто онака, од христијанска љубопитност и без никаква зла намера.
Закључак: На почетокот беше фејсбукот. После Петар рече Нека има дилит, и би дилит. И сега доаѓаме до делот со совети за проширување и надополнување на оваа фантастична одлука која е можеби најважната во историјата на МПЦ, за Укинување на фејсбукот за свештенството и истерување на ѓаволот кој живее на најголемата социјална мрежа со најголема пенетрација (извинете ако некој се искуши од зборов).
Зошто е ова ужасно важна одлука? Луѓето од кои всушност се сочинува стадото кое во име на Ултимејт Шефот го координираат локалните директори на крстоносните експозитури и нивните постари и помлади референти се истите луѓе од чии платени свеќи на свадби, крштевки и погреби, божествено се материјализирани многу зимски и летни гуми и разни нафтени деривати кои согоруваат во мотори со внатрешно согорување ко Везув и се истите луѓе на кои Црквата нема да им се обраќа на моментално најсовремениот начин бидејќи причината поради која помалку луѓе одат во црква е во Фејсбукот, а не во некои појави во, околу, под и над црквата (а под облаците, да стои во записник). И оваа одлука е брилијантна бидејќи едноставно со ваквиот начин на функционирање МПЦ ќе си одмали од работата и ќе може да се фокусира на средби само со искрените верници.
Оние меѓу нив со пофанатичен пристап ќе си заминат од Фејсбук по препораките на Синодот и нема да делат исти искушенија со нас грешниците кои ќе останеме на Мрежата и ќе ги живееме нашите земни животи со едно мало кисело чувство дека „згрешена е работата".
Сепак, оваа одлука може (не мора, нели, само сугерира вашето рудо јагне Бетмен) да биде засилена со пакет мерки во насока на нејзина поддршка:
-Забраната моментално да се прошири на сите социјални мрежи, не само на фејсбук. Ѓаволските Твитер, Гугл плус, Мајспејс и Хајфајв (за секој случај). Да се размисли за проширување на забраната на блогови и портали... нема што Духовниот татко да им се обраќа на своите чеда на такви декадентни исцедоци од болниот секрет на современата технологија.
-Забрана за Инстаграм, ПО-СЕБ-НО! Трендо арно ме потсети. Вели: „Замисли сеа без Фејс започнуваат на Инстаграм да улетуваат слики од погреби наместо слики од софри". Или уште полошо, слики од софри. Пу, сатанско! Никако Инстаграм!
-Кој нема да почитува забрана како примарна мерка има да биде осуден на користење компјутер со детски нараквици со еден палец и четири споени прстиња, а ако и после тоа успее некако да направи криминално дело и да го искаже својот став на интернет мрежата (со нос или телепатија), има да му бидат исечени ноктите на прстите со правдољубив меч на вонфејсбукерската правдина. Ако нема меч може и со пламенобацач. Трет степен на казна: ќе мора да напише сто статуси на Фејсбук „јас сум селско магаре со ушите нагоре" и недела дена да носи профил слика од Харис Џинович со шарпата, нефотошопиран.
-Да се забрани вртењето на Земјата околу Сонцето, наизменичната струја, авионите, пицата со кулен и другите комунистички илузии во кои живееме толку долго без да сме свесни за опасноста од одење до крајот на светот кој реално Е РАМНА ПЛОЧА (воглавно бетонска и не од Битлси) и дека ако тргнеме пеш од Македонија кон Јапонија, некаде кај Фиџи ќе паднеме во провалија бидејќи таму е крајот на светот кој е ко крај на зграда и таму истекува Океанот и од неговите капки се прават ѕвездите за кои лудите научници фантазираа дека се други соѕвездија и планети. Александар знаеше за ова и затоа отиде само до Индија, не беше глуп па да падне од ивицата на светот ко некој глуп.
-Да се забрани телевизијата бидејќи и таа е порочна и доведува до искушение. Да се забранат весниците, магазините, сликичките со фудбалери од панини, да се забрани ладниот бурек (да го протнеме ова уз другите забрани), светлечките фонтани, трговските центри и шорцевите. Да се забрани страчатела сладолед, тетоважите исто може да се забранат. Какани се, пу пу.
-Да се забрани зборувањето кога не мора: а мора само да одговориш кога ќе те праша нешто надредениот, судот и страшниот суд. И продавачката, ако те праша дали сакаш мастика или кусур, и тогаш зборувањето не е криминогено. Друг пат не мора, особено ако те искара класниот, тогаш има право да ќутиш. Да не речеш „Немаме права“.
-Да се забрани размислувањето и потребата од обраќање кон секој кој сака да те чуе. Да се забрани желбата за доближување на црквата до верниците поради оддалечувањето на верниците од црквата. Строго да се казни секој обид за поблизок пристап до помладите генерации за кои Земјата секогаш била како малку сплескана топка, а секоја забрана како издишан балон. Нема што црквата да се обидува да се доближи до верниците, иако човек може да добие таков впечаток ако случајно, на филм, види поп кој се вози во автобус и по законите на физиката (оние кои нема да бидат забранети) може да дојде многу побргу од точка А до точка Б од пешачење, но многу поспоро од случај во кој попот би се возел во Мерцедес.
Ова се само неколку предлози, колку да се поткрепи Забраната за Фејсбук за свештенството, во прв момент. Вашите можете да ми ги пратите на betmenvelit@gmail.com и на твитер на @BatmanSaysT.
Бидејќи, како вели старата православна: Ако нече Владика молку, ондак че волк Владику.
Shift+Delete, Боже.