Обожавам блескави идеи. Таквите идеи го движат светот напред. Замисли, како што сега му јаде некој бабури на Вучиќ, така бе на времето го ругале Коперник. „Слушајте господа, абе Земјава не ја носат на грб слонови, тешки сме за на грб..." „Ерес! ЕРЕС!". Мајкл Џексон бил вака несфатен кога рекол дека многу сака да се дружи со деца, или не ги сфаќал децата кога го викале тоа, така некако беше. Марадона кога зема да ги дрибла сите играчи на Англија од центар до гол во Мексико 86-та, замисли бе тогаш некој да му улетал и да му речел: „Немој бе Диего, не е така лесно, нема да успееш, седи, додај ја, ќе видиме шо ќе прајме...". Не. Диего бил лидер. Коперник е лидер. Драган Вучиќ е лидер. Или си роден како таков, или цел еден живот ќе се трудиш да сфатиш што сакаше лидерот да каже, ама нема да ти оди.
Кога ќе слушнеш дека ќе се бира „Хурем на годината" кога Хурем си е дотичната госпожа на султанот Сулејман Величаствени, годината си е таа во која овие двајца се во 80% од домовите низ Македонија на кафе и локум секоја вечер, не можеш а да не кимнеш со главата во знак на одобрување, дигајќи ја долната усна и замижувајќи со очите во една комплексна невербална механика која ќе вели „даааа... дааа, ооодлично, свака час!", како да си слушнал ново соло на стара песна од Сатријани, како да си видел добри хеланки на стаза пред тебе, како да играш на берза со дојава, како свежо цеден лимон и свежо цеден портокал во неделно утро, како да си љубопитен наци во Индијана Џонс кецот, неколку моменти пред да го отвори саркофагот.
А ПО ОТВОРАЊЕТО... ТОПЕЊЕ
Во прв момент можеби помисли: „ма нема шанса, се подјебава некој гарант, чепкал во батериите на матриксот пак Вучиќ бидејќи му рикнале тие од даљинското и испаднала најавава за изборот на Хурем на годината." Јок, мајсторе. Вистина е, како што е вистинита Македонија обединета во ЕУ.
Само вљубените ги боли цев за буцките дотерани како Султаната кои се шетаат наоколу. Во емотивниот зен-занес ништо не може да ги допре. Ги знаат одговорите на сите прашања. Ма и прашањата на сите одговори. Други се максимално заангажирани во естетско-функционалната дисекција на ваквите појави често занемарувајќи важни или пренагласувајќи небитни детали, се со една едноставна цел: да се осетиме подобро во врска со себе, со тебе, со сè наоколу. Да добиеме лажно чувство на интелектуална супериорност на лидерски ангажираниот Драган, потврда дека сме подобри од оној кој „сите" го третираат како епитом за сиот невкус кој шиба на тв од измислувањето на независноста во Македонија.
Драган си прави емисии и не му чуе дали јас и ти мислиме дека е сељак. И тука е амбивалентната дилема: молчи и остави го да си прави што си сака или галами (лив енд лет лив) или не го оставај, па тој пак ќе си прави што си сака, но ти ќе си по-раат бидејќи укажа на медиокритетот „кој го подјадува ткивото на квалитетот“. Ќе одмолчат зен-љубовниците. Ќе проговорат најпрво оние кои делат слични ставови по сите прашања со Вучиќ на потсвесно ниво и шизофрено ќе вперат прст кон него. Потоа ќе дојдат малку поискулираните естети кои знаат дека колку повеќе зборуваш за него, толку поголемо арно му правиш (имајќи предвид дека 94% од Македонија не е заљубена). На крај, доаѓам јас. Со предлог. Инаф од пцуењето, критиките, оправањето на криви дрини.
Македонска телевизија, било која, не се оправа, и тоа си е така. Треба да дојде до состојба на максимална ентропија и да се самораспушти на ниво на транзистори и проводници, да се почне од нула, цело време имајќи предвид дека за сето тоа сопственикот на телевизијата треба да е социо-политички освестен филозоф филантроп кому парите не му значат мир на душата. Значи никад, па ни тад.
Точно затоа, ако не ги оправаме работите, јас би да ги дотераме по нашки. Со свежи идеи. А1 беше најдобра телевизија без нималку оригиналност, само мудро распоредувајќи веќе видени и проверени концепти низ светот во својата програмска шема. Епа, време е да му вратиме на светот. Да ги дадеме нашите пет денари во фондот на светско културно наследство.
Драган и Хурем се топ. Доста само Мики Црнокрак организираше избори на мис каде слаби девојчиња бараат намигнување од публиката због заради истото чувство на супериорност од погоре, само во малку по-биолошки рамки. Хурем има цицки. Хурем има гз. Хурем ти е малтене Венера од Вилендорф родена во Истибање. Изборот да стане традиционален, со охрабрување стајлингот на султаната да се воведува пополека по улиците на Македонија. Да ја видам тогаш Есма како ќе отскокнува од средината... фракови ќе треба да почне да носи. Навиките на Султаната да коле неистомисленици не мора да се прифаќаат, ама тоа не е воопшто тешко. Самиот Сулејман Магнифисент кој ничим изазвано тргнал да си шири вилает со сабја бил голем поет, па сиот злочин ќе му се прости бидејќи рецитира поезија како да знае што зборува. Спикинг оф ширење вилаети, да, и ние си имаме еден љубител на луѓе и земја на коњ, посред плоштад кој ако ништо друго барем е похрабар од Ким Јонг Ун или било кој американски претседател.
Мора да се форсираат нови серии. Од секаков жанр. Домашна продукција. Еве, бесплатно подарувам за користење во прајм тајм термин на некоја тв од Македонија пар идеи осудени на успех:
„ТВ Кувар за луѓе на диета"
Сценарио: Се појавува куварот (домаќин на шоуто) и соопштува што нема да се готви денеска, поради диетата. На пример: „Денес нема да готвиме пица почитувани гледачи". Молк. Став мирно, гледа во камера 15-тина минути. Пали цигара ако ептен му дојде зорт. Тропка со нокти по маса, ги крцка коските од прстите. Си ја зачешлува косата ноншалантно со лева рака, на секои 4-5 минути. После 15 минути одмолчување на рецептот кој нема да се прави, полесен за сите силни калории од пицата кои нема да ги изеде бидејќи е на диета и со несоборлив придонес за олеснување на нашата нација, се одјавува. До наредниот ден кога повторно нема да се подготвува и јаде некое убаво јадење.
„Keeping up with the Bayrams"
Амди и фамилијата, риалити шоу. Како Елвис успева паралелно да е и градоначалник и вонреден ученик во средно училиште? Како г-дин Амди успева да ја води и Македонија последниве 20 години и да ја возобновува својата енергија која мотивира и инспирира? Која е тајната на успехот? Може да се додадат и „Apprentice" моменти кај што Амди ќе вработува чираци па ќе ги отпушта недела по недела, баш како и Доналд Трамп лично. Џани Версаче, гол со пета, кока кола. Први мај со Амди. Кои филмови ги гледа, каква поезија чита. Never ending story. Кралот Мида на риалити програми. Ќе се потепаат телевизиите од светот за да добијат право на реемитување.
Доволно се за почеток. Афтер ол, ова е само прв обид за коректен конструктивен пристап кон фаќање на правиот дискурс во тв обновата на Македонија. Хурем султана ни е права правцата полумрсничка родилка од соништата и пример за секое девојче мимо агресивничката нејна страна /делот кај што коле све живо и диво што ќе и застане на пат./ И не грижете се премногу за оние кои се фасцинирале од идејата дотолку што се стокмиле во маскембалска руба и излегле во прајмтајм ти-ви. Ќе си го најдат правиот пат во животот и тие. Ете, победничката добила музички систем. На него ќе може да ги слуша и „Свирете ја Зајди, Зајди“ и „Ангели ме носат“. Песни напишани од истиот мистер Вучиќ.
Идолопоклонството кон хероите од секојдневието, а тв „јунаците“ ни се секојдневие, не е ново. Ова ви го кажува некој кој се потпишува како Бетмен. Само ми е малку жал што никој не се сети на времето да направи избор за другите херои од нашите телевизори. Замисли колку ќе беше егзотичен изборот за „Најдобар Ник Слотер“?
А ако не ти чинит, исклучи телевизор. Или заљуби се :)