Првиот петок во новата година. Освен кога се паѓа на први јануари, па човек е презафатен да прави новогодишен рекапитулар пливајќи во морето од сарми или полусарми (ако спомнатиот човек е вегетаријанец или самосвесен нутри-фашист), првиот петок е супер за да се потсетиме на сите работи кои ги сакаме и помалку сакаме околу новогодишните фестивали, а ги правиме како хипнотизирани жртви на новогодишната традиција на резилење и славење на некој замислен крај или нов почеток.
Има многу „новогодишни работи" кои се погрешни, досадни и лесно заменливи на пример за седатив додека седиш во театар и чекаш да почне претставата „Правосмукалката и трансцедентноста на мистичниот асинхроничен гениј во асимптотата на возвишениот збор Впрочем" во која дејствието е следно: доаѓа човек, пушта усисивач на сцена, после саат време доаѓа пак и прави ѕвезда па бега зад сцена, после 95 минути доаѓа и ја исклучува. Спектакуларно, нели?
Музиката на „најлудата ноќ" е илјада пати слушната и досадна ко хроничен херпес, конобарите спори, цигарите забранети, освен ако не се забранети па стануваат и напорни бидејќи сите пушат внатре а ти висиш пред врата по кошулче дувајќи тутун барајќи малку интима со твоето цигарче и отвараш уште едно копче за бронхопневмонијата да може да влезе во тебе заедно со новата година – зошто да е таа покусо, што па еден бронхит направил помалку од новата година која што тек доаѓа? Прегратките после полноќ неискрени, фразите излитени, желбите паушални – на пример, забавна би била лотарија со влечење кому каква желба ќе му се падне: „еј (внеси име тука), значи оваа година да ти е најубава и сите желби да ти се остварат" или „срцеее, здравје најважно да има, другото ќе си дојде само". Па ни такси не доаѓа само и не можеш да избегаш од ваква журка ако не се обесиш на телефон пола саат во обид да најдеш еден трезен таксист кој наместо да се самоубие вечерта решил да вози автомобил и да спасува од самоубиство други новогодишни каубојци на двобој со депресијата.
Али најинтересна НГ зафрканција ми е „Само ќе си дојде". Феномен поврзан со новата година и новите почетоци, страшно интересен за опсервација. Не постои нешто како нов почеток врзан со одреден датум. „Само првите се памтат" најмалку важи за први јануари. Зошто тогаш да му се придава толкаво значење? Нека дојде први, се друго само ќе си дојде. На први. Или од понеделник. Или од наредниот роденден. Питам си га.
„ЕJ, УТРЕ ПОЛНАМ 30 И ОД УТРЕ НАТАКА..." ...повеќе нема да си играм фамилија со куклите туку ќе се уозбилам и... ќе си играм фамилија на компјутер, крајно време е да ја инсталирам Sims". – Нема. Ако мозочето не ти е натокмено за раскинување со Барби и Кен или ако Барби никако не може да му го опрости изневерувањето на Кен со плишаната мечка, џабе полниш 30 или исусови 33. И со полни 39, ако си полн со нумерички глупости околу правовременоста за одредени кардинални промени уф живота си, полн си само со чист нерафиниран булшит. Додуша ако на 39 си уште со Барби и Кен, ела да те гушнам. Ела, ела ми... Абе каци тиии, каци тиии убаво детенцеее, а гу гу гу! Уф, бркчиња ми ти пораснале, абе лепотанче бее, бу бу бу. Што, женско е детето, госпожо? Пардонс!
„ЗНАЧИ ОД ПРВИ ПОЧНУВАМ СО ВЕЖБАЊЕ, ОВИЕ ПУДИНГ БУТЧИЊА МОРА ДА ЗАКРЦКААТ КО ДА СЕ ТАЗЕ ПЕЧЕНИ" Значи колку само нема! Од први може да почнеш со вежбање, па да одиш повторно во теретана на трети и на шести (бидејќи седми е неработен за дупло да се навежбаш). Па на осми наредниот месец. А дотогаш ќе покажеш почит кон лајфстајлот на животните и ќе го примениш нивниот начин на исхрана, кога се во фаза на тов (нешто ко сите ние за празници или за појадоци на мост). Сè до некој месец подоцна кога некој далечен втори ќе те праша: Where's your Prvi now?
„ПЛАНОТ Е ОД ПОНЕДЕЛНИК ДА ГИ ОСТАВАМ ЦИГАРИТЕ, ДЕФИНИТИВНО" А на цигарите им е планот од понеделник да одат на вежбање за да бидат позгодни за тебе. Се дури не сфатиш дека толку си против цигарите што наместо да ги оставаш да се множат дури не станат 9 милијарди па изгласаат пура за претседател на светот, треба да почнеш стратешки да ги уништуваш, една по една. Што е здравјето на еден човек кога се работи за доброто на планетата Земја. После одредено време во кое го вовлекуваш само главчето („по 5 на ден, жими се, не ко порано по 55") започнуваш повторно но поодлучно, не од понеделник туку од вторник, четврток, недела или од 12:55 во било кој ден повторно влегуваш во нов циклус на оставање на цигарите до наредниот пат кога ќе плукаш течен графит наутро, па ќе си ветиш некој нареден понеделник за да започнеш да бидеш некоја замислена подобра верзија од тебе. Трикот е дека не гледаш лезет на дупла варијанта: ако пушиш со предумисла дека еден ден ќе ги оставаш, не уживаш во нив додека ги земаш, ниту ќе уживаш во неземањето додека се лажеш дека си ги оставил. Фуј тоа, Џеки, тоа какано.
„ДА ГО ИСТЕРАМЕ ОДМОРОТ, ПА ЌЕ Ѝ РАСКИНАМ" Рееетко шупачка фраза. Монт Еверест на шупачизмот. Долги години сте во врска и после икс време конечно ти дојде провидение дека тоа е тоа и дека дојде час да се дигне глас, да се стави крај на лажниот рај? Ваква млечно-кашкавалска рима е единственото нешто што одговара на ваков глуп план: „Абе осеќам ближи крај, али иаме уплатено одмор заедно, да не ми пропаднат 400 евра, ќе одам со неа па откако ќе се вратиме... коњец филма". Коњец али подебел за тебе пријатељу, коњец типа ортома и да си го обесиш да ти стои нагоре цело време за да може да ти дојде до израз вагината. Зошто би ја криел ако веќе ти пораснала?
„ЗА НАРЕДНАТА СЕСИЈА ЌЕ СЕ ИЗНАУЧАМ" Не што ќе се изнаучиш, ќе се скршиш од учење. Хирурзи и трауматолози ќе те склопуваат после толку учење. Едната нога ќе ти е во едно поглавје, другата нога во друга книга од што ќе се искинеш од учење. Да, знам колку ти фали она маааалку време да се доучиш и да развалиш на испит, тигру. Грррр! да ѝ правиш на професорката, а таа како газела да посака да ѝ пораснат горилски шепи за да може да ти пише десетка и орално да ја задоволи твојата потреба од знаење. Али бидејќи беше презафатен броејќи денови кои ти се доволни за скоцкување на материјалот, легитимно е да му се насереш на тој што ги измислил датумите на ден пред испит зошто не вметнал џокер прашање: „екстра три дена" во кои ти би измислил нов латински, камо ли да средиш далеку полесни научни проблеми како Римското право или (тука внеси некој предмет од Економски за кој е доволно да му го знаеш името за да добиеш шестка).
„ВО НОВАТА ГОДИНА КОЈА МОРА ДА БИДЕ СУПЕР И ПРЕУБАВА ОЧЕКУВАМ КОНЕЧНО ДА МИ СЕ СРЕДАТ РАБОТИТЕ И ЈАС ДА СЕ СРЕДАМ И ДА Е СÈ СРЕДЕНО" А ќе се среди едино дневната соба ако подзачистиш или викнеш чистачка, до наредната журка во која ќе се збумбарите со пријателите затоа што ништо не ви е средено, па ќе жалите затоа што е несредено, па утредента во мамурлак ќе кукаш над несредената судбина и тотално несредено ќе земеш да средуваш нешто што не се средува бидејќи - си несреден.
Во новата година фер е едино да очекуваш 365 дена или 525 600 минути, секоја посебна и уникатна, секоја за себе, многу туѓа или толку твоја, бидејќи е точно дека „што носи секундата не носи годината". Ама остави ги наградните игри со фискални киндер јајце сметки. Не ти треба нова година за твоите минути. Не ти треба нова женска за да ги покажеш новите финти кои си ги научил, покажи и ги на сегашната. Не ти треба друг факултет со професори кои нема да те мрзат за да распостелиш знаење ко Билјана платно. Не ти треба маркетинг кампања со фаците на твоите блиски и слоган „АЈДЕ БРАЧКО, СО ТЕБЕ СМЕ, ФРЛИ ГИ ТИЕ ГОВНАТА" за да престанеш да пушиш. Цигарите се оставаат во еден момент. Во еден момент се остава и пиењето. Во еден момент се остава сè.
Ако оставиш во момент, а созреале услови и свест за оставање – оставањето ќе биде видено. Ако не, само ќе се мачиш.
А јас не би ти да ми се мачиш. Сепак, ако има нешто такво, праќај тука: betmenveli@gmail.com / @BatmanSaysT.