Има ли живот после гласање?

Како да не умреш до наредните избори

Пост-изборие во Македонија. Шок, траор и неверица. Нека не ве лаже привидната слика дека некој е во екстатично славје, а други во паничен траор. Тоа се само првичните симптоми на она што го искусуваат сите учесници во изборниот процес: пост-изборна депресија. Има ли лек? Не се баборадувајте, Бетменџи ви го знае чарето. Бујрум.

Оние на кои им победи партијата за која навијаат после радосните вести ќе спласнат потиштени од понеделничката реалност и сфаќањето дека и да победеле самите, без работа мед може да лижнат само ако се бањаат строго во недела и брцнат во уво, а млеко по улици ќе протече ако планетата Македонија дојде во космички судар со големо индивидуално вселенско тело полно со млеко, познато како Свемирска Цицка.

Оние кои не се најхепи со бројките од вчера и епилогот, бар добар дел од нив, дојдоа во конфликт со сопственото поимање на личната мудрост и дубина на интелект среде средината во која живеат. Дел од нив си спакуваа чорапчиња и долен веш спремни да ја напуштат земјата која нема разбирање за нивните философски капацитети, други отворија америчка лотарија за виза или се распрашаа пошто кошта бугарскиот пасош јер тоа е начинот. Денес се будат потрезни такоџе како и победниците, со истите маки како и победниците освен со „една услуга помалку за земање" која ваљда ја имаат плакатарите на поербап политичарите во моментов.

Ако некој хирург земе по 3 примероци и од едните и од другите и им направи анализа на срцеви преткомори и комори, веројатно во двата (шесте де) случаи, при отворање на граден кош ќе забележи отворен прелом на срце и кога ќе прочачка малку по дубините ќе чуе и песниште, пост-изборна интернационала: „Сите спијат, а јас тагувам, нема кому да се радувам, веќе ништо не ме весели, вчера кампања, денес шипинки...".

Без очајување, наши сме си. Тука сме за да си помагаме. Еве 5 совети и техники како да се преживее периодот до наредните редовни вонредни парламентарни избори во нашата мила предвремена Македонија. Нема на чему, и јас ве сакам вас.

Телевизорот е твој непријател

Карај се со него. Али жестоко, на „пичкатиматер". Ова е клучно за одржување на кондиција меѓу два изборни циклуси. Без оглед дали твоите на избори тепале најпоштено на цел свет или ги испокрале ко да гласале во ТАТ, она што ќе го видиш на ТВ и не ти паше е пропаганда на непријателот и ти имаш задача да ја сузбиеш во корен. Гласно расправај се кога камерата ќе зумира фаца на човек на кого би му ја вденал една под услов да имаше муда, да беше дупло поразвиен и веројатно на негово место, а тој на твое.

Откако ќе му кажеш сè на непријателот во екранот, исклучи го од штекер, фрли го далечинскиот во далечина и излези ватрено од дома, спремен да купиш пиво пред маалската продавничка и да им се пофалиш на комшиите каков фраер тукушто пропуштиле во твојот дом, каков брилијантно дрзок политикантски Марадона гледаат пред нив, какви 4 брзи директ-кроше комбинации овој маалски Тајсон кој пие пиво пред нив му беше задал на злите пропагандисти кои застануваат пред камера и лажат-сушат ко да се фенови.

Ако комшиите немаат разбирање за твојата величина, испцуј ги и нив и продолжи да му раскажуваш на продавачот во гранапчето. Ако и тој нема разбирање, замисли дека имаш многу муда а уште помалку мозок и ги тепаш сите. Прекини со замислување и само кажи им дека се пички. Замини си дома. Пушти радио. Повтори го процесот од прва, само одбери друго гранапче.

„До кога, кажи ми ДО-КО-ГА? "

Супер фраза, одлична за брзо пласирање на збунка од типот турнати гаќи усред тротоар во редовите на непријателот. Го гледаш на улица непријателот кој ги симпатизира оние другите говна шо ги мразат твоите политички херои и го намамуваш со учтива стапица:

„Добар ден, комшија ". „О, добар ден, добар ден " „Кур добар ден, каков бре добар ден, па не можам да ве поднесам какви свињи сте вие бе, па биваше ли да не гласате за онаква милина од закон, па кај ќе ви оди душата бе? Арам да ви е, па до кога, ДО КОГА ќе го правите тоа? Мрш таму, вол еден", после што следи напуштање на бојното поле.

12 чекори откако ќе го оставите соговорникот позади вас со уста зината како нилски коњ на забар, може да започнете со победничкото свиркање и потскокнување во ненадјебиф фазон како да сте тазе посетител на меѓуножје од вам омилениот пол. Оваа техника е важна затоа што активно придонесувате за девалвација на вредностите на политичките противници и им ја ставате на тацна вашата премудрост која нема време да слуша оправдувања или лаги дека некој не е заинтересиран за политика и дека постои такво нешто како непартиски диригирано размислување. Тоа комшијата друг нека лаже, не вас.

Смири му се на телевизорот

Барем летово. Има Светско првенство во фудбал. За две години и Европско. Меѓу два шампионати повтори го процесот од точка 1. Финале на Лига на шампиони исто така е препорачлива занимација. Одбери една екипа за која ќе навиваш на секој натпревар, па за противничките играчи употребувај фрази како „зарем сè уште ќе ја лажете публиката со такви додавања со лажни очи", „нели рековме нема со силни, говеда едни лажливи", „абе влези му со клизач да не можат ни на слагалица да го состават".

Или полу-афирмативни, за да не каже некој дека го потите со даркерска кампања во која нема простор за малку позитивна Македонија: „во времето кога вие се додававте со топката, беа испиени 14% помалку пива на стадион и изедени 184 помалку колбаси што е јасен доказ дека вашата игра ја убива економијата", „ние на нашиот капитен би му дале, вие немате почит за вашиот лидер, асексуалци без почит низаедни" или пак „не е точно дека тревата беше висока и неповолна за нашиот противник, таа си беше ишишана по пропис но и се крена косата кога виде со какви црни сценарија излезе на терен другата екипа".

Алкохол и лесни дроги

Ако ништо не помага, во најкризните моменти никако немој да започнеш со конзумирање на алкохол и лесни дроги, него почни да се удираш со мотка по глава за да ги растресеш до коска сите гласови кои велат „кам-па-ња, кам-па-њаааа, флаери, дели флаериии". Плус, лесни дроги се за неодлучни пиќки, а ти не си ниту едното ниту другото. После одредено време на себе-замоткување или гласовите ќе исчезнат под задебелената ти кожа (или набрекнатиот од памет мозок, како сакаш) или ќе преминеш на ултимативниот чекор кој се вика:

„Сам свој парламент“

Свикувај редовни вонредни парламентарни избори во твојот дом, еднаш месечно на пример. Ако живееш во поголема заедница, редовно кога ќе зборуваш со некој од домашните обраќај му се како да си во кампања: „Сине, овај, почитуван господин сине, би сакал да ви кажам дека ќе го разгледаме вашето барање за 500 денари кои се потребни за излегување во град и на првата наредна седница ќе го ставиме на гласање". Или кога подаруваш цвеќе за осми март: „Ценета госпоѓо, од името на нашата влада би сакал да ви посакам среќен ден на жената и да ви кажам дека нашата влада постојано работи на подобрување на позицијата на жената во општеството, помалку работни часови во кујна, доделување на вторник и петок како денови во кои не мора да пере и да суши алишта и правото еднаш месечно да излезе со пријателка на кафе да се зголеми за 11%".

Ваквите великодушни потези ќе ти бидат од полза кога на одбраниот ден во месецот ќе ја ставиш кутијата за гласање на трпезариска маса и ќе ги поделиш гласачките ливчиња на сопругата, синот, ќерката и кучето за кое ќе гласаш ете,ти, за да не го замарате да чита и ќе го примиш маркираниот палец за негово добро вечно да ти стои на рака, како симбол за неизмерно пријателство..

На листот ќе има само едно име за заокружување – твоето, а доколку не си задоволен од епилогот на изборите, може да поднесеш приговор до самиот себе, после што комисијата во состав ти и кучето ќе може да ги поништи изборите и да закаже нови. Но, за да не дојде до ова, на денот на изборите пушти срце и на сопругата подари и' 4 кила брашно, шише масло и бомбони од Краш, ќерката одоброволи ја со нова маичка од Манго и повлекување на забраната за приближување на нејзиното момче во радиус од 100 метри околу вашиот дом - на 30 метри.

Синот нека добие дрес од Дибиров и илјадарка за во диско пошо еднаш се живее. Кучето погали го, нежно, ко да е маче. Триумфот е твој. Но сепак, научи 20-тина зборови на германски и биди спремен за воведување хунта, облекување како генерал во слободно време и закани со ликвидација за сите неистомисленици: прави им загадочни насмевки кога ќе ручате заедно и поставувај им прашања од типот „Сине, да не ти е нешто чудно зачинета супата денес?“ проследени со гаргамелско смеење: „Муахахахаха".

Наредните избори се твои. Вети ѝ на фамилијата дека тогаш и кутијата за гласање демократски ќе им ја поставиш во тоалетот и дека ќе проверуваш излезност во шолја после секој гласач. Ќе те сакаат ко Тито. Вечноста е твоја. И додека кажеш „секс“ ,веќе дошле наредните избори. 

А понатаму - знаеш и сам.

Со среќа.

 

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

28 април 2014 - 12:04