Пивска милја: трка со ждриг

Четири круга по 400 метри а во секој круг мора да испиеш шише пиво. Кој поврати, трча казнен круг.

Со овие јасни и едноставни пропозиции, во Остин, Тексас, се одржува првиот светски шампионат во трката "Пивска миља", на која се пријавиле 150 натпреварувачи жедни за пиво и освојување на главната награда од  2.500 долари која се дуплира ако биде постигнат нов светски рекорд.

"Многу е брутално. Кога најмногу ти фали воздух, ти треба да пиеш пиво," вели еден од учесниците кои со месеци се подготвувал за трката.

Благородната идеја е родена во Канада, некаде во 80-тите години а брзо бива прифатена во некои нејзини природни средини како што се факултетските домови, за денес овој субкултурен спорт да стане прилично глобален и масовен феномен.

Регулаторното тело на Пивската миља соопшти дека во 1990-та година во светот биле одржани 4 трки. Оваа година  дури 185, од Сингапур до Гана.

Женскиот рекорд со време од 6:28.6 го држи една 44 годишна мајка која го постигна овој резултат во својот прв обид.

Кај мажите, најбрз пивопија е Џејмс Нилсен кој во април постави светски рекорд од 4:57 но истовремено предизвика и дебата меѓу милионската публика која го гледаше на интернет, дали ги пиел пивата до крај, дали пивото било лајт и ред други слични спортски дилеми.

Еве го видеото од неговиот рекорд:

 

3 декември 2014 - 15:48