Покрај сите драми што се одвиваат низ светот, посебна драма се случува кај производителите на мастики кои целиот овој период се соочуваат со постојан пад на продажбата на мастики во добар дел и затоа што „џвакањето мастики станува се помалку општествено прифатливо“.
Освен овој проблем, големите конгломерати кои ги поседуваат општопознатите брендови мастики се жалат дека од секаде се појавуваат нови конкуренти кои нудат мастики со „магични својства“.
Во САД одамна се устоличени мастиките кои ветуваат одвикнување од зависности како цигари (никотин). Меѓутоа сега Apollo Brands на пример има мастики што испуштаат кофеин и витамин Б, за кои тврдат дека помагаат во справување со „џет лаг“ кај луѓето кои често патуваат, а под малку поинакво име и изменета рецепта имаат мастики и за голфери, кои наводно им помагаат да останат „енергетични и фокусирани“.
Снак лес е компанија што произведува мастики со екстракт од кактус (Hoodia parviflora) за кој се тврди дека ја потиснува гладта, тврдење кое не е медицински потврдено. Симпли гам пак нуди мастика чија предност е што е био-разградлива.
Траекторијата што ја следат мастиките е слична како онаа на водата, која требаше да се развие во најразлични „функционални“ верзии за да се зголеми продажбата. Како и кај водата, и кај мастиките, властите внимаваат само на тоа состојките да не се штетни, но не даваат коментар околу бенефитите што тие ги ветуваат.
Глобалната продажба на мастики во периодот 2010 – 2018 е падната за 4%.