Франсоврска

Франсоа Оланд ги мава Французите онаму каде што, после паричникот, најмногу ги боли. По модното его. Човекот едноставно не знае да врзе вратоврска.

Помодарскиот дел од Франција никако не може да се помири што има толку незграпно облечен претседател. Особено им боде очи фасцинантната неспремност на Оланд да се појави со пристојно врзана кравата. Без разлика на поводот и тежината на средбите, тој по правило се појавува со лош јазол и искривена вратоврска.

Од ова дури му прават и статистики. Од 241 јавно појавување, во најмалку 140 направил утка. И тоа не се бројки извлечени од папараци фотографии кои намерно го претставуваат во лошо светло туку од официјални снимки издадени од Елисејската палата.

Францускиот GQ не може да му прости што во Кемп Дејвид се појави со вратоврска иако никој од неговите колеги не носеше."Франсоа, па ти рековме дека можеш да дојдеш и без неа", го закачи тогаш Барак Обама својот новопечен колега.

Социјалистот често знае да се вози на работа со скутер и генерално држи до тоа да се прикаже како нормален човек. Сепак, кандидатурата за претседател беше искористена за негово редизајнирање, кога ослабне 20 килограми и почна да носи елегантни струкирани одела кои главно ги шие кај извесен Турчин Мустафа.

Неговиот претходник Саркози беше чиста спротивност кого Венити Фер го прогласи за најелегантно облечениот политичар на светот. Само што и на изборите а и онака општо, остана кус.

12 ноември 2012 - 14:45