Веројатно и Вајс ќе го изеде банкрот

Компанијата која беше прв онлајн медиум што успеа вистински да ги застраши востановените медиумски гиганти и во својот пик вредеше 5,7 милијарди долари, годинава се мачи да најде купувач и нов газда, заради што почна да се подготвува за отворање банкрот.

Иако повеќе од пет компании изразиле интерес за купување на Вајс, шансите да се случи тоа се сè помали, изјавил за Њујорк тајмс еден од луѓето запознаени со постапката за отворање банкрот на компанијата.

Најголемиот долг на Вајс е кон Фортрес инвестмент груп, која во случај на банкрот би можела да стане нов сопственик на компанијата. Во случај на продажба, Фортрес ќе биде првата компанија чиј долг ќе биде исплатен.

По пикот во средината на 2010-те, кога Вајс без проблеми привлекуваше стотици милиони долари инвестиции, и една понуда од Дизни да биде купен за над 3 милијарди долари, периодов компанијата заглави во истите проблеми што ги имаат дигиталните медиа компании и константно отпушта вработени.

Минатата недела Вајс објави дека го затвора Вајс ворлд њуз, кој се занимаваше со известување за конфликти и злоупотреба на човекови права низ цел свет.

2 мај 2023 - 12:00