Како директен пример тие го даваат демократскиот сенатор Ед Маркиј, кој на интервју за Сиенен изјави дека во Њујорк е собрана голема порота која решава дали има доволно докази за Трамп да биде пратен на суд. Крајно возбудливата информација излезе дека е лажна вест, која успеала да исплива од длабочините на левичарскиот дел од интернетот и да стигне до демократскиот сенатор како доволно сигурна информација за тој да ја каже на Сиенен.
"Ерата на Трамп овозможи раст на пространа алтернативна левичарска медиумска инфраструктура која во најголем дел оперира далеку од очите на обичниот консумент на вести, но и покрај тоа има масовна публика и растечко влијание во либерална Америка.
Има подкастери што полемизираат и клик фарми; конспиратори и цинични баснописци. Некои сериозно работат со тешки шпекулации и тераат дезинформаторски кампањи; други се само агрегатори и коментатори кои заградиле сопствено парче од интернетот. Ама сите тие заедно, формираат медиумски универзум во кој партиската хистерија премногу лесно се потпалува, а лажните вести патуваат со брзина на светлината.
Пред да продолжам, дозволете ми да ги замолчам сите лелеци за 'лажно равенство' додека не се почнати: Не, овие ликови и публикации се уште го немаат истото влијание на Демократската партија како што имаат нивните колеги кај републиканците. Ама нивно игнорирање е грешка," пишува Меккеј Копинс во текстот за Атлантик.
Копинс се обидува "да ја мапира топографијата на модерниот левичарски алтернативен пејзаж". Тој зборува за 5 групи:
- Твитер заговорници
Тоа што во минатото се памфлети и летки оставени во сандачиња и на шофершајбни, и мејлови препраќани по илјадници пати, денес е Твитер.
Дел од претставниците на алтернативната левица редовно го полни својот фид со крајно провокативни шпекулации за кои е заедничко дека претседателството на Трамп постојано е на еден чекор од спектакуларен пропаст.
Нивен главен фокус е Русија, "плетејќи приказна која е толку сензационалистичка и комплексна што слободно може да пројде како Нетфликс тип на политичка драма." Во нивниот свет стотици американски политичари, новинари и владини функционери се тајни руски агенти; Ендру Бреитбарт е убиен од Путин; Кремљ има компромитирачки материјал за секој можен човек, и во секое време се очекува да се појави секс-снимка од претседателот.
- Фанатично пристрасни Фејсбук страни
Додека на Твитер теориите на заговор стигаат меѓу луѓето навлечени на вести, Фејсбук е местото каде анти-Републиканската пропаганда се шири до народните маси.
Како пример Копинс ја дава страната Окупирај демократи која има милиони фанови, што работат на тоа секое меме, видео или пост да стане вирално. Како за секоја слична страна, и оваа е извор на апла лажни фести.
- Блогови и форуми
Во 2017 левицата има повеќе исклучиво политички веб-страни од кога и да е до сега "кои ја сочинуваат сржта на модерниот медиумски еко-систем". За разлика од десничарските медиуми, тука има сериозна разлика во однос на квалитет, кредибилитет и добронамерност.
"Во најдобар случај тие нудат радикални гледишта и уникатни информации што обично не стигаат до меинстрим платформите на либерализмот како МСНБЦ и колумните на Њујорк тајмс.
Во најлош случај тие служат за плитка и пристрасна афирмација и неискрена пропаганда. И ретко кога поодговорните медиуми во овој еко-систем трошат време на проактивно разоткривање на гласините и лагите што циркулираат меѓу нивната публика," пишува Копинс.
- Подкасти
Ова е одговорот на левицата на десничарските радио-шоуа, која го следи истиот рецепт: коментирање, забава и пристрасно следење на дневните настани. Водителите се уште не се општопознати ликови, меѓутоа се доволно познати за нивните слушатели. Некои од најуспешните подкастери продаваат и цели сали за своите настапи во живо.
- ВИП валидација
Еден од сигналите за моќта на левите алтернативни медиуми е редовноста со која сториите што настануваат таму стигаат до јавните личности со вистинско влијание и масовни следбеници.
Еден од примерите е Палмер репорт, левичарска верзија на Бреитбарт. Сајтот во посебен сегмент ги реди сите ликови од левицата кои го цитирале или пренеле негова информација, и таму ги има од политичари, до професори и експерти.
Минатиот април, кога Џејсон Чафетз соопшти дека поднесува оставка на својата позиција во претставничкиот дом, Палмер репорт објави информација од анонимни извори дека тој бил фатен од ФБИ дека е директно уценуван од Кремљ, и дека тоа е причина за оставката.
Иако сторијата е дел од добро увежбаната пракса на сајтот, тоа не го спречува поранешниот специјален асистент на Обама, Нед Прајс, да ја сподели веста на Твитер.
Прајс линкот го пушта со коментар "Интересен, иако само од еден извор, текст од пред неколку дена".
На ова се надоврзува Ерик Шулц, исто така висок советник на Обама, кој пишува "штета што никој до сега го нема објавено ова".
Кога новинарите ги притискаат двајцата околу користењето сомнителен извор, одговорот на Прајс е дека понекогаш дури и во шпекулациите има вистина.