Хотел од Бризбејн ја повлече рекламата за себе откако по социјални мрежи идиоти дигнаа ука бука околу неа, прогласувајќи ја за сексистичка.
Видете ја па пробајте сами да најдете што е сексистичко во неа:
Не оди? Маж и жена, пристојно облечени во бањарки, очигледно среќни и задоволни од себе, своето друштво и околината, лешкарат во хотелски кревет, листаат нешто по свој избор и имаат пецива и овошје за убивање досада и глад.
Да, ама што листаат!
Тој во раце држи примерок од весник кој се занимава со берзи и финансии а таа пак листа модна енциклопедија од Шанел. И ете го крунскиот доказ за праведниците: со ваква реклама се наметнува стеротип за жените како суштества кои ги интересира само модата додека нивниот архи-непријател се вооружува со информации за цените на акциите и други битни работи со кои ќе ја одржува својата родова повластеност.
Бидејќи веројатно повеќе ги занима хотелот отколку да исправаат криви дрини по твитери, обвинетите решија да се извинат и да ја повлечат рекламата.
„Ја цениме вашата искажана загриженост. Немавме никаква намера да зајакнуваме стеротипи но го воочуваме проблемот и се извинуваме за нанесената неправда. Ова креативно решение е повлечено и нема да се користи во иднина а пишете ни во ДМ ако сакате дополнително да дискутираме на темата“, пиша управата на бризбејнскиот хотел.
Меѓу критиките на правоверните, освен околу изборот што да се чита, имало и такви кои укажувале на сомнителниот распоред на грицките: демек не е случајно што до неа поблиску е овошјето а до него вкусните пецива.