Момо е вирална шок-сторија, помогната од грозна фотографија и нахранета од добронамерниот страв на родителите. На нашки таа звучи вака:
Не, Момо не постои, никој го нема ни видено ни документирано. Што не значи дека сега, откако стана познат на невидено, нема некој дополнително да ја злоупотреби неговата „слава“.
Постојат инсерти во детски видеа, со малициозни пораки, совети за самоубиства и слични одвратности, само што не се со Момо. Пред две години новинар на Медиум добро документираше што сè може да се најде во наивните видеа за деца: хорор приказни за Пепа Пиг, крвави малтретирања на Мики Маус, сексуализирани верзии на дизниевите принцези, идеи за глупи пранкови (наводно еден татко изгубил старетелство на своите деца поради тоа).
Јутјуб имаат избришано еден тон од најлошите видеа но тие постојано доаѓаат. А бидејќи Јутјуб нема намера да воведе човечко прегледување и модерирање на видеата пред тие да се постават на платформата туку се потпира на системот за пријавување несоодветни содржини, таа игранка ќе продолжи.
Неодамна на Јутјуб кидс беа откриен „мек педофилски круг“ и тоа во коментарите, во кој морничаво се коментираат детски видеа и се остава контакт за „уште поинтересни фотографии“. Но. болни умови можат да се најдат секаде, дури и на сајт каков што е популарниот и сериозен pedimom.com.
Повеќето видео содржини на детската верзија на Јутјуб не се вознемирувачки и трауматични туку фасцинатно заглупувачки. Евтини видевца, алгоритамски генерирани песнички, репетитивни до бескрај, со бесмислени приказни и 3Д модели од играчки или популарни ликови како Елза, Спајдермен или Папа Пиг. Сето тоа дизајнирано за да се измолзат прегледи (оттука и пари) на конто на популарните поими за пребарување, без никаква забавна или не дај боже образовна намера.
Чаре? На вашите мали деца тргнете им го Јутјуб. Од таблетот, телефонот, играчката конзола, телевизорот, од секаде.
Ова не го предлага некој шеријатски имам или ортодоксен сељак туку Кеза Мекдоналд, уредничка за видео игри во Гардијан.
*****