За сега се работи за колумна која е како предлог и ненаметливо мислење во еден од државните комунистичките медиуми во земјата:
„Ниту еден член на партијата не треба да користи каков било изговор, објективен или личен, за брак или за да има деца, ниту пак да има каков било изговор за да има само едно или две деца.
Секој член на ККП треба да ја сноси одговорноста и обврската за раст на популацијата на земјата и да делува во согласност со политиката за три деца.“
Ова е прв ваков текст откако во мај годинава Кина им дозволи на брачните парови да имаат по три деца, со што ставија крај на политиката за 2 деца воведена во 2016. Претходно од 1980 Кина дозволуваше само 1 дете по фамилија.
Текстот се случува во време кога Кина паничи околу недоволниот број на новороденчиња и потенцијалната криза што ќе следува. Се повеќе локалните власти воведуваат најразлични политики за зголемување на наталитетот во земјата. Кина меѓу другото го зголеми „трудничкото“ што го добиваат родителите, плус воведе нови директни исплати за новите родители. Централните власти започнаа и борба против високите трошоци на приватното образование што за голем број родители е проблем кога размислуваат за имање деца.
Во бројки, кризата е што бројот на новороденчиња во Кина паѓа четврта година по ред од 2016, за во 2020 да достигне историски долна граница од 12 милиони новороденчиња.
Според пописот од 2020, 264 милиони Кинези се над 60-годишна возраст, што е 18,7% од популацијата од 1,4 милијарди луѓе.
Во текстот, кој по некое време го снема од државната China Reports Network, се порачува и дека членовите партијата кои заради возраста или здравствени проблеми не можат да имаат деца треба „да ги образуваат, водат и помагаат на членовите на семејството и пријатели да имаат три деца.“
„Членовите на партијата никогаш не треба да бидат неактивни кога семејството или пријателите не влегуваат во брак или не прават деца, и никогаш не треба да бидат индиферентни околу тоа што имаат едно или две деца без разлика на изговорот,“ пишува во текстот.
Од 1,4 милијарди Кинези, над 95 милиони се членови на ККП.