Рамбово послание за 2023

Навикнати на постојани сензации, празниот простор неисполнет со сензации почнува да нè плаши. А таа празнина е неопходна за закрепнување на нашата истрошена, изманипулирана, отруена, уморна и збунета свест. Како што на црниот дроб му треба пауза од алкохол и мрсна храна, така и нашата свест треба да се одмори од налетот на информации и впечатоци со кои модерниот живот нè бомбардира од сите страни.

На сите луѓе кои слават, им ја честитам новата 2023 година со една древна италијанска изрека:

Far Niente!

Затоа го сакам први јануари. Неговата бавност е лековита. Тој е поспор од која било недела или кој било празник. Бавен е исто како оние денови на локдаун чиј шарм имавме можност да го доживееме неколку пати за време на пандемијата. Само што утрото на први јануари нема кој дополнително да нè плаши од ТВ, да шири паника.

После безглавото забрзување кое во декември кулминира со луди сообраќајни гужви, метеж во продавниците, исфорсирани забави на секој ќош, опсесивно компулсивно купување непотребни работи и финално со оркестрирана хистерија со одбројување и огномет, чија главна цел е да се подзаборави на суровиот факт дека нашиот животен таксиметар отчукал уште една нула во еднонасочно возење без враќање, осамнува ова мирно утро.

Сите спијат, кулираат, пијат кафе, само музичарите на Виенската филхармонија се штимаат, а скокачите се загреваат за скокови во Гармишпартенкирхен. Сармата се подгрева, руската салата се лади. Идила. Празно, тивко, бавно, исто како во раното детство, кога како деца можевме да се фокусираме на некој детал или феномен и во тие моменти да имаме впечаток дека времето што го имаме на располагање ќе трае цела вечност.

Човек може да го искористи први јануари, ако не се напил ко прасе претходната вечер од наметнатата општонародна еуфорија, мирно да ја сумира годината што измина, да извлече некои поуки, па дури и да смисли некои желби и планови за годината која штотуку почнува.

Бидејќи времето минува, никого не прашува дали му е пребрзо, ненадејно, дали спиевме доволно, дали вежбавме, дали размислувавме малку за себе, за луѓето околу нас, дали во сета трчаница и обавување наметнати задачи си дадовме можност да подзастанеме малку?

Зошто времето се забрзува? Дали тоа има врска со ширењето на универзумот? Дали е тоа некој блесав квантен феномен или астрономска причина, можеби ротацијата на планетата се забрзала, па затоа зимата ни доцни?

Всушност, не, времето е сè уште константа за нас обичните смртници, но пазарната цивилизација заснована на трчање по профит и инсистирање на потрошувачкиот менталитетот нè принудува да ги трошиме нашите тешко заработени пари сè побрзо и побрзо, за после во таа спирала да мораме повеќе и повеќе да работиме за повторно да трошиме, па пак да работиме. И пак да трошиме.

Веќе не може ни улица да се мине без нешто да ни се сугерира, предложи, рекламира од неонски табли и билборди, форсирајќи нè да ја забрзаме нашата одлука.

Кога сте виделе нацртан полжав на билборд да ви препорачува нешто? Никој не е блесав со таа симболика да те успори, да размислиш на раат. Јас убедив мој пријател полжав да му биде лого на неговата компанија. Фер е да ги успорите луѓето малку, да им дадете шанса да размислат пред да купат нешто.

Во таа лудо забрзана, безглава „зомби“ вртелешка во која постојано се вртиме, немаме повеќе време, но немаме ниту искрена желба за драгоцени моменти на слободно време во кои не правиме апсолутно ништо. Ниту да зјапаме во телефон, ниту да гледаме телевизија, ниту да разговараме со некого. Ништо.

Far niente!

Навикнати на постојани сензации, празниот простор неисполнет со сензации почнува да нè плаши. Ако сме Фраери, и успееме за момент да ја надминеме непријатноста и да влеземе во фаза на целосна пасивност, дури тогаш времето се успорува, се враќа на „фабрички подесувања“, човек лесно може да почувствува како забавило, застанало, може времето да го допре, да го помириса, одеднаш има и време и мир да го слушне сопственото дишење, да ги слушне сопствените мисли, да се почувствува себеси, исто како во нашето најрано детство, додека срамежливо се формираше нашето Јас.

Таа празнина е неопходна за закрепнување на нашата истрошена, изманипулирана, отруена, уморна, збунета свест. Како што на црниот дроб му треба пауза од алкохол и мрсна храна, така и нашата свест треба да се одмори од налетот на информации и впечатоци со кои модерниот живот нè бомбардира од сите страни.

Се разбира, овде не зборувам за луѓе кои се гладни, кои едвај врзуваат крај со крај, нивните приоритети се различни, невозможно е гладен да кулираш и да не правиш ништо. Се надевам овие редови не ги чита некој кој е гладен, во нив за жал нема да најде рецепт неговиот проблем.

Но, ние останатите, додека како ранети ѕверови трчаме да постигнеме барем дел од од она што ни се нуди и наметнува, што преку масовните медиуми ни се диригира како стандард, да стигнеме и ваму и таму, да купиме и ова и она, забораваме што тоа нас луѓето нè крепи, одмора, исполнува. Можеби токму тоа, наместо некоја глупост, да купиме оброк за некој кој е гладен?

Треба да се биде свесен и дека нас комерцијалните реклами длабоко нè вознемируваат прикажувајќи среќни, убави, романтични и безгрижни семејства, со блескави насмевки и бескрајна среќа. Тие нè опоменуваат дека сме грди и мрзоволни и дека единствен начин да ја вратиме насмевката на лицето, да се приближиме до сервираниот идеал за среќно семејство, е да го купиме токму тој производ што ни го рекламираат.

Колку комерцијализацијата на нашата свест има фатено залет гледаме и по тоа што наспроти фактот дека ни снег и мраз нема никаде, тие повторно ни го подметнуваат Дедо Мраз пак да ни продаде нешто.

Неверојатен е овој корпоративен Дедо Мраз. Пичи со тоа санките, си ја мазни брадата, го заболе што нема снег, кулира во дебела бунда на плус 15.

Треба да се биде свесен дека заради овие нелогичности и набиена невроза, јадеме и пиеме три пати повеќе отколку што ни е доволно.

Треба да се биде свесен и дека денешните владетели намерно нè трујат со омраза кон сè и секој што не е по нивниот рафиниран невкус, па за секој лековит подвиг од типот „far niente“, потребно е да се избегнува изложување на медиумските изливи на нивната сосема необична љубов кон светот и човечкиот род.

Треба да се одучиме, како размазени детишта, да бараме кој ќе ни пружи внимание и утеха, кому да му веруваме, на кого можеме да се потпреме и да се надеваме дека на власт ќе се појави некој кој ќе ги среди сите наши проблеми.

Така нема никогаш. Мораме прво сами себе да се уредиме, да поработиме на нашите чувства, на односите со блиските. Тогаш ќе знаеме и да бираме.

Тука треба да се биде чесен да се почне од себе. Каков сум јас? Може ли да му се верува на мојот збор, на моето ветување, на мојот суд? Дали знам на блискиот да му пружам внимание, поддршка? Може ли блискиот мој да се потпре на мене?

На сите овие прашања може да се одговори само ако си дадеме малку време да не правиме ама баш ништо. Најмалку 45 минути на ден.

Ништо не може да се направи со смисла а претходно да не се мислело и смислувало. А за малку да мислиш и смислуваш ти треба целосен мир. Слободно и само твое време. Far Niente.

На крајот на краиштата, тоа е и многу еколошки. Додека не правиме ништо, не ја загадуваме оваа наша сè уште убава и сè уште гостопримлива планета. Загадена е од хиперактивноста на вознемирениот хомосапиенс.

Во оваа првојануарска зимска идила без снег, да сфатиме дека климатските промени се последица од неумерените амбиции на армија луѓе жедни за материјални богатства и луксуз, наметнати кич симболи на успехот во потрошувачкото општество.

Затоа, пријатели, браќа, земјаци и вонземјаци и вонземјани, луѓе, ви посакувам во новата 2023 година, секој ден да одвоите барем 45 минути за „Far niente“.

Притоа, во тие моменти не треба ни да се трудите да размислувате.

Дишете, чувствувајте. Бидете! Вашиот централен нервен систем заслужува барем еден школски час дневно без да правите ништо. И тогаш, од никаде, ќе се појави малку хумор, толку дефицитарен во денешниот свет, каде што секој сака некому да продаде нешто.

Само ако не правиме ништо, како овчар чии овци мируваат, тој дух може повторно да излезе од ламбата во која заради наметнатите амбиции, сами го заробивме.

Нека ви е среќна, здрава, мирна, смислена и духовита новата 2023 година.

Херцег Рамбо Амадеус

 

3 јануари 2023 - 22:46