Мала пошта на главната автобуска станица во Белград...
Три шалтери... три говорници... севкупно 50 квадрати...
2. јануари 2017... околу два попладне...
Тој има околу 75 години...
Има прастар мантил... пантолони... и уште постари кондури...
Ја има онаа капа... што ја носат единствено пензионери и хипстери... неуредна седа коса... бркови... наочари со дебели стакла... последователно огромни очи... и џемпер... кој се облекува кога, од некоја причина, веќе нема греење во станот...
Влегува во пошта... и љубезно ја прашува вработената... дали говорниците уште работат... и дали може да се телефонира...
Вработената... без трошка емотивно инвестирање... одговара дека може...
Тој влегува во средната говорница... вратата не може целосно да се затвори... и започнува разговор...
Зборува гласно... исто како и сите оние кои не слушаат баш најдобро... па низ поштата одѕвонуваат неговите зборови...
"Добар ден... Илија тука... само сакав да ви честитам Нова година... и да ви кажам дека многу ми е жал... што никој од вас не ми се јави... да ми честита... нити па дојде да ме посети... многу ве сакам... да сте живи и здрави... ве сака дедо..."
Отсечно прекинува... како што сите некогаш правевме... во она доба... на скапи секунди... Се слуша кратка воздишка... и звукот на спуштање на слушалката на она метално јазиче...
Се отвора вратата...
Тој излегува...
Достоинствен... како ништо да не се случило... убеден дека ние немаме поим каква драма се случуваше зад несреќно затворените врати од говорницата... и под неговиот мантил...
Ја прашува вработената колку е должен...
Плаќа... љубезно се заблагодарува... честита празници и полека си заминува...
Вработената и јас гледаме по него... заледени...
Си мислам...
Кој го заборавил?
Што ли им згрешил?
Или не им згрешил?
Кого јас сум заборавил?
На кого во овој момент треба да му се јавам... да му искажам благодарност... Љубов... или почит.
Има ли уште надеж да се поправи ситуацијата?
За среќа... ние барем имаме телефон во џеб... пораки... и мејлови... сто чуда...
Ете некоја корист и од нив...
А и допрва сме на втората страница... од годинешните 365... ненапишани...
Среќа па се уште има сосема доволно време да се напише роман кој ќе ја збогати душата... кој е мелем за раната... и кој, секој што ќе го прочита... ќе го направи да биде подобар човек... или барем малку да му олесни...
Сијалица... или свеќа... перо... или тастатура... хартија... или лаптоп... се само околности... и попатни ситници...
Кои не го двојат... добриот писател... од лошиот...
За разлика од љубовта...
Таа е... отсекогаш... сосема друга приказна...