Пред десетина дена, под Фејсбук најавата на премиерата на филмот „Нотр Дам во пламен“ забележувам 50-тина коментари, речиси исклучиво предизвикани од размислувања на тема „А за запалените српски цркви молчат?“
Се разбира, сето тоа е здодевно предвидливо но еден коментар ме тера да го копирам овде, одложувајќи го планираниот текст за следната недела.
Млад маж, на профилната фотографија со млада жена и бебе, најверојатно нивно, на тастатурата ги истресол следниве заклучоци:
„Го изрежираа пожарот, пред тоа ги тргнаа сите работи кои не се за горење а после го запалија остатокот. Земаа 5.000 пати повеќе од вложеното и за да нема сомнеж во целата режија, мораше да биде снимена и потресна приказна.... Истражете го малку Нотр Дам и ќе видите само окултни, безбожни, демонски скулптури, мотиви и педофилија, ЗОО секс меѓу јарец и Сатана, секс меѓу свештеник и дете, поза 69, а има и други. Тоа што Алексанадр Вучиќ донираше милиони не значи дека е хуман туку дека е еден од сатанистите кој е поставен на чело на државата, како и на сите други држави. А децата нека се лечат со СМС-и од граѓани.“
Како да се бориш против... ова?
После пар децении наталожено животно искуство, морам да признам дека појма немам. Вакви ко авторот на наведената објава, ги има отприлика еден милион во оваа земја, територија, резерват, што и да е.
Го мразат „малиот Хитлер“ од сите погрешни причини; собираат податоци од мрачните ќошиња на интернетот кои ги шират понатаму, заведувајќи десетина години помлади еманации, штетно голем процент од нив сака и да гласа, полуобразовани а доволно интелигентни да пронајдат некој извор на приходи вон државниот апарат, не се директно зависни од Владеачката Криминална Група (ВКГ) што ги исполнува со убеденост дека спаѓаат во ретките слободни луѓе кои го населуваат овој елипсоид.
Дали дојдовме до точка во која сиот револуционерен потенцијал се наоѓа во редовите на квазимислечко, параноично, во исто време и конзервативно и со најлошите аспекти на -во суштина позитивниот -либертанијанизам загадено.... мнозинство?
Да земеме еден пример од состојбата на умерениот европски политички сектор.
Францускиот режисер Мишел Азнавиус неодамна се најде пред незгоден избор.
На отворање на канскиот фестивал ќе биде прикажан неговиот нов филм, римејк на јапонската концептуална комедија чиј оригинален наслов е „Не ја гаси камерата!“, а во светот е попознат под англискиот превод „One Cut of the Dead“.
Во потрага по ефектен минимализам, режисерот на својот римејк му дава наслов „Z“, водејќи се од зомбијата и Z класата на филмот кои даваат рамка на дејствието.
Насловот длабоко го вознемирува Филмскиот институт на Украина кој праќа протестен допис со барање да се отстрани омразената буква.
И наместо во одговорот јавно да ја подржи украинската борба и да објасни дека сепак решил естетиката и азбуката да ги одвои од бизарните елементи на сегашноста, Азнавиус го менува насловот во „Coupez!“ („Сечи!“).
После ваквиот развој на случувањата, мојата маленкост, бира да го бојкотира филмот. Преку некои компромитирања на уметноста не е лесно да се пројде.
Сè што последниве два месеца се случува со буквата „Z“ е толку блесаво што уште од почетокот ме потсетува на епизода од Спиру и Фантазиja „Доаѓа Зорглуб“ во која лудиот научник, со помош на „зортбранови“ за анестезирање на свеста, сака да завладее со светот, а потоа и со вселената.
Ќе го преименуваме ли и тој стрип, менувајќи му ја насловната од која вреска огромна буква „Z“ со нешто што помалку ги вознемирува нежните душички?
Или попрво би да ги заебаваме сите нови Зорглубци со испран мозок?