Дали некогаш сте се запрашале зошто навидум едноставни технолошки компании имаат десетици илјади вработени? Понекогаш, тоа е затоа што имаат огромни екипажи за продажба или луѓе за технички операции или поддршка.
Но, често тоа се должи и на Паркинсоновиот закон. Тој е како хепо коцка за потпалување на бирократијата. Тоа е деловна тенија која полека ги јаде компаниите и со текот на времето ги прави сè помалку ефикасни и иновативни.
Паркинсоновиот закон предупредува дека работата ќе се проширува толку колку што има време, буџет и луѓе, и без разлика колку луѓе ќе одвоите на неа, тие луѓе ќе се чувствуваат зафатени. Ќе се чувствуваат така бидејќи, поради вишокот време и олабавување на системот, ќе почнат да се фокусираат на сè помалку важни задачи.
Еве како се манифестира на индивидуално ниво: Да речеме дека за една недела треба да подготвите извештај. Извештајот може да ви одземе само пет часа ако навистина се фокусирате и работите ефикасно. Меѓутоа, бидејќи знаете дека имате една недела да го завршите, тој ќе ви одземе точно една недела. Ќе правите подолги паузи, ќе го ц'цкате, ќе додавате не баш неопходни детали, табели, графикони и слично. Во суштина, задачата станува посложена и одзема повеќе време чисто затоа што имате повеќе време за да ја направите.
На ниво на фирми: Замислете голема технолошка компанија, на пример компанија за социјални медиуми со различни одделенија. Секој оддел има задачи што мора да ги заврши за да придонесе за севкупната продуктивност на компанијата. На секој оддел му е даден буџет и одредено време за да ги заврши своите задачи за годината. Според Паркинсоновиот закон, секој оддел ќе го искористи целиот свој буџет и целото доделено време, дури и ако задачите можеле поефикасно да се завршат. Тоа е затоа што како што се зголемуваат ресурсите и времето, одделенијата имаат тенденција да стануваат посложени и помалку ефикасни. На пример, одделот може да додаде повеќе чекори во своите процедури, барајќи повеќе одобренија и создавање повеќе документи, што го забавува процесот. Или може да го искористи целиот буџет на дополнителен персонал или опрема што не мора да ја подобри продуктивноста. Одделот исто така може да го искористи целосниот буџет за да го оправда истиот или за да бара поголем буџет за следната година, бидејќи буџетите во многу организации често се одредуваат врз основа на трошењето од претходната година. Ова е феномен познат како „бустање на буџетот“ или менталитет „потроши или изгуби“. Неефикасноста може да се развие и во распределбата на персоналот. Ако одделот се прошири, може да додаде менаџерски позиции кои не се строго неопходни. Повеќе вработени се ангажирани да управуваат, создавајќи слоеви на бирократија што нема да придонесат за продуктивноста, па дури и да го забават донесувањето одлуки.
Колку поголем е тимот, колку поголем е буџетот, колку повеќе време има, толку помалку се постигнува.
Добри времиња + раст на приходите = Паркинсонов закон.