Коча Поповиќ за Јосип Броз:

Освен Черчил, сите фаќаа белешки кога зборуваше Тито

Режисерот oд црниот бран на југословенскиот филм, Желимир Жилник, чиј филм Рани трудови цели 13 години беше во бункер, сведочи за неговото запознавање со Коча Поповиќ, дипломец на Сорбона, шпански доброволец, командант на армија и еден од оние кои најмногу го познавале Тито.

Коча Поповиќ го сретнав кај колегата Бранко Балетиќ, тој живееше на Дедиње, кај родителите на жена му, високи функционери од Титово време. Дедото од жена му во двор често пиеше кафе со комшијата Коча Поповиќ. Еднаш наидовме Балетиќ и јас. Дедото нè претставува, му вика дека сме филмски режисери. Коча климнува со глава и почнува да нè испрашува на француски јазик. Гледаме бело, не знаеме француски. Коча пресекува:

„Како можете да се бавите со филм, токмаци едни, а да не знаете француски? Филмот таму е роден! Исти сте со денешните студенти по филозофија, дипломираат на Хегел а не знаат да бекнат германски!“

Коча во 1972 година поднесе оставка, тогаш беше потпретседател на Југославија. Тоа нè копкаше. Тито во таа 1982 година кога разговаравме, веќе две години не беше жив. Балетиќ се охрабри па прашува:

„Друже Кочо, кога зборуваме за златното доба на надворешната политика, тоа Вие го смислувавте и водевте?“

Коча одбруси:

„Не зборувајте глупости! Со Тито сум бил кај 290 шефови на држави, влади или суверени. 289 од нив водеа белешки што зборува Тито. Само Черчил не беше со пенкало в рака“.

Ние зинавме.

„Друже Кочо, па Тито тешко зборуваше и српскохрватски, како комуницираше со странците?“

Коча се насмеа:

„На Тито кај нас му беше досадно. Немаше соговорници. А знаеше повеќе јазици од мене. Не граматички брилијантно, но можеше да разговара. Руски, германски, англиски, чешки, француски... Грешите и за неговото образование. Читаше многу и сè што ќе стигне. Модерната уметност - сликарство, музика, драма, не ја ценеше. Мислеше дека тука има премногу мистификатори кои произведуваат ѓубре. Така мислеше и Крлежа. Не сум сигурен дека грешеа.“

Гледаме, сега пак нам ќе ни се пушти, па Балетиќ го пресретнува:

„Другар Кочо, вие сепак дојдовте до судир со Тито, кога му поднесовте оставка. Бевте негов заменик, како потпретседател на Југославија.“

Коча длабоко издиша:

„Ма каков судир, што трескате. Прво реков дека е грешка што е отстрането тн. либерално раководство во Србија. Со тоа многу млади и стручни луѓе ќе бидат набркани од политиката. Му реков дека тоа не е добро бидејќи за нашата генерација е краен момент да се повлечеме. Тито одговори дека и тој го знае тоа. Ама дека народот останал затуцан, бара авторитет, спасител.“

Тито тогаш наводно рекол:

„Кога ќе ја симнат мојата слика во маршалска униформа, кого ќе стават на ѕид? Некој нов кариерист? Поизвесно е дека на таван ќе го најдат Франц Јозеф, крал Петар или Павелиќ. Немој Кочо, ќе те заборават додека се свртиш.“

Желимир Жилник

Коча Поповиќ, кој важи за еден од најбрилијантните југословенски политичари, починува десет години подоцна. На погреб му дошле едвај 50 луѓе. Во 1932 година дипломира на Сорбона, му се приклучува на надреалистичкото движење, со Марко Ристиќ ја објавува книгата „Нацрт за една феноменологија на ирационалното“. Објавува филмски критики во Парис Соар. Заминува како доброволец против Франковите фашисти во Шпанија, таму добива офицерски чин. Во текот на Втората светска војна е командант на Првата пролетерска бригада, па командант на армијата до ослободување на земјата. Од 1953 до 1965 година е министер за надворешни работи на Југославија и еден од најблиските соработници на Тито. Во 50-тите години ги води преговорите со Пентагон, кога е добиена голема воена и економска помош од САД.

25 октомври 2021 - 13:44