Колку гејмери има во Хаг?

Aко тинејџерка има алтернатива дали да игра ГТА, или да гледа парламент, реално шоу или пак да слуша треп, во секунда гласам да украде фиктивен автомобил, да прегази фиктивни пешаци и да плати фиктивна проститутка.

Чувствувам потреба во име на целата гејмерска заедница да пишам неколку збора во врска со трагедијата која на почетокот на овој месец ја зави Србија во црно. Го правам тоа со целосна почит кон семејствата и пријателите на убиените, нивното страдање и болка, сочувствувајќи колку што ми е воопшто можно како сограѓанин.

Не знам, ниту сакам да знам зошто детето решило да ги испоубие школските пријатели. Тоа е работа за стручњаци и попаметни од мене. Она што, за жал, го препознавам, е демонското миење раце на политичарите од целиот случај. Нивните обиди одговорноста за овие злосторства да ја префрлат на други ги чувствувам како клинци под нокти, а први на удар се најдоа „видео- игриците“ и „западните вредности.“ Ќе се позанимавам со видео игрите во кои уживам точно 40 години.

Никако не разбирам зошто дел од јавноста инсистира мултибилионскиот дел на техно-индустријата да го именува во деминутив. За добра видео игра од А класа се потребни преку 200 првокласни професионалци и осумцифрен буџет во долари. Се развиваат во просек од три до пет години, на сите континенти. Некои од нив имаат нето профит поголем од милијарда долари. Ако тоа е „игрица“, тогаш нашата земја ќе да е „Србијица“.

Што се однесува до влијанието на младите луѓе, видео-игите инхерентно не се ни добри ни лоши. Како и сè друго во животот, можат да се играат паметно и да бидат корисни за луѓето, а можат и да создадат зависност, изолација, асоцијално однесување, пореметување во исхраната и други белји за кои не ни знам дека постојат. Корисникот сам бира како ќе ги конзумира, баш како и алкохолот, цигарите, телевизиските програми, социјалните мрежи. Меѓутоа, кога едно лице ќе претера со играње, последиците се далеку помалку штетни и опасни по околината отколку сè претходно наведено. 

Се разбира, видео-игрите не беа први кои се најдоа на удар. Додека другарите и другарките од Југославија уште појма немаа каде тераат, главни фактори на злото и немирот беа хеви-метал музиката, панкот и хорор филмовите.

Тука се крие добра вест од напредокот. Замислете министер за образование денес да каже дека хеви-металот е опасен по развојот на децата. Би испаднал многу глуп бидејќи нашето општество, со тек на време се има договорено самото со себе дека таква агресивна музика не е ороз за екстремно насилство, ниту по неа можеме да препознаеме насилник. Напротив, во просек убијците се фини комшии, тивки луѓе, се поздравуваат на улица, додека во нив вријат петнаесет вулкани без сигурносен вентил.   

Хеви-металот е вентил. И видео игрите и хорор филмовите, секој на свој начин. Човек сака да се исплаши во безбедно опкружување, затоа одиме на ролеркостери. Човек сака со плазма-пушка да му го спржи черепот на напаѓач од вселената, од својата столица.

И сега - виновни се видео-игрите! Каква навреда за децата, каков пад на човечките способности, каква деградација на човековиот ум! Заради што? За министерот и претседателот да не бидат виновни. Сосема сериозни, рекоа дека децата кога играат не разбираат дека во стварноста има само еден живот заради што некои убиваат луѓе, не сфаќајќи дека тие засекогаш ќе бидат мртви.

Дами и господа министри, ние со само осум години игравме „Саботер“ на Спектрум, му се воодушевувавме на вештиот нинџа, колевме чувари и добермани, хакиравме компјутери и поставуваме бомби, но тоа не значеше дека во стварноста не се плашевме од шурикени и катани, дека не почитувавме авторитети кои ни прават добро и не знаевме дека смртта е дефинитивна. Сето тоа апсолутно го знаевме и бевме добри пионери затоа што видео игрите беа речиси единствениот прозорец во насилство кој го имавме, па макар бил тој и виртуелен. Денес дете може да игра само Симс или нешто 100% едукативно, ама какво фајде кога варваризмот избива од секоја општествена пора, секој канал и секоја јавна дебата.

И сега ти на детето му кажуваш дека за него и другите е опасно што им бои ѕидови на демоните во “Doom”, a од парламентарната говорница по истите тие деца се истураат вистински гној и жолч. Може би било паметно да посетите некој затвор и да ги прашате неговите станари кои видео-игри ги играле и колку долго? Колку гејмери има во Хаг?

Во оваа прилика нема да зборувам за користа од видео игрите. Некои од нив се техничко-уметнички ремек-дела и неисцрпен извор на вежби, перцептивна стимулација, дисциплина, просторна ориентација, меморија, моторика и едноставно уживање. Навистина, гејмингот е и еден вид ескапизам, но за разлика од другите бегства од реалноста, овде човек мора активно да направи нешто и да вежба. Играта пред луѓето поставува проблеми завиткани во различни пакети за забава, некои од нив се и насилни. Децата го знаат тоа.

Денеска и видео игрите се сериозен спорт, но кому му е гајле. Дај да се влезе во реално шоу и да се земат пари, дај да се биде „инфлуенсер“ (човек без професија) и да се прават пари. Затоа што да се биде шампион во игри е многу, многу тешко. Потребен е талент и вежбање, не се случува тоа преку ноќ.

Сега да земеме тинејџер/ка и ако има алтернатива дали да игра ГТА, да гледа парламент, реално шоу или да слуша треп, во секунда гласам да украде фиктивен автомобил, да прегази фиктивни пешаци и да плати фиктивна проститутка. Ќе го направиме тоа заедно, ќе муабетиме за тоа додека играме и ќе ни биде прејако. Не сите игри се насилни. Добар дел е, но тој вид на виртуелно насилство не се споредува со вистинското, а децата тоа проклето добро го знаат и го чувствуваат.

Во име на сите деца, предлагам Народниот правобранител да поднесе претставка против тие лица, за нарушување на достоинството и навреда на интелигенцијата. Децата многу добро знаат дека имаат само еден живот и уште подобро знаат дека видео играта е симулација, а не реален свет.

Подобро проверете ги оние луѓе на врвот, кои сите нè третираат како да сме ботови во видео игра.

Игор Михаљевиќ

29 мај 2023 - 08:55