Сите до сега илјада пати сме биле во разни кафулиња, кафаени и кафанчуги, до маса, качени на маса, а богами и под маса. Во кафеана сме се дружеле или расправале, не ретко сме агитирале или ангажирале, било политички истомисленици, било млади претставнички / претставници од спротивниот, ама не исклучиво од спротивниот пол. Во нив понекогаш напишавме и некои од бесмртните книжевни дела, но значително почесто само се прејадувавме. Од ликовите во последните селски дупки, до урбаните алкоси, на сите целта ни беше иста: што подобро да се напиеме и што побрзо, и секако, ако е можно, и што поевтино.
Но кафаната не е само место каде што ќе дојдеш, ќе седнеш и ќе се налокаш до ниво на губење на свест. Не! Таа е сцена и сведок, но и значаен фактор за повеќе вековното напредување на човештвото кон сè подобрите, посовршените, поубавите и поправедните форми на општествена организација. Кафаната е, запаметете добро, и сетете се на ова следниот пат кога ќе стапнете во неа - храм на модерната европска цивилизација.
- Политичка уникатност на кафаната: Културата на пиење не е модерна општествена појава, таа е присутна во текот на целата човекова историја, позната во сите епохи и на сите меридијани. Посебно место во оваа култура им припаѓа на јавните простори - таверни, кафани, кафански друштва, кафулиња и салони - во кој се точи и продава алкохол. Овие јавни простори во Европа биле познати во различни облици, уште во средниот век; историчарот Питер Бурк таверната од овој период ја сместил некаде во просторот меѓу учената и традиционалната народна култура. Едноставно, пиењето алкохол тогаш има исклучително важна социјална димензија, самиот чин на пиење на алкохолен пијалак (понекогаш помешан со крв) го потврдувал давањето на одредени заклетви, склучување на бизнис договори или решавање на правни спорови. Со други зборови, јавното пиење алкохол преставувало важен дел од општествените норми, така да просторот на таверната играл важна улога во воспоставувањето и одржувањето на групниот идентитет.
Ширењето на јавните угостителски објекти од нов вид, во кои се служеле исклучиво нови модерни пијалаци (кафе и чоколадо) и други слични "новотарии" (тутун) кој се појавува кон крајот на 16-от век, се случува на веќе подготвен терен. И токму тоа е една од причините со кои може да се објасни експанзијата на кафаните во текот на 17-от и 18-от век. Она што во сето тоа е посебно значајно, е што со развојот на овие нови јавни установи и нивното истовремено преклопување со старите форми на јавни простори (таверни), во западна Европа почнуваат да се јавуваат првите облици на јавна граѓанска сфера, баш онака како што забележал Јирген Хабермас. Овие јавни простори станале центар на сè поголема општествена критика и со тоа се повеќе претставувале опасност за владејачката структура во времето на Стариот режим. Во кафаните, новите писатели ги претставувале своите нови дела, а неретко го изливале својот гнев кон општеството што не го признавало нивниот голем талент. Кафулињата биле центри во кои кружела литературата, која на најразлични начини ги доведувала во прашање самите темели на постојниот поредок, од новите изданија на Енциклопедија, па се до порнографски материјал. Во кафеаните, во текот на револуцијата 1789-1794 се формирани првите политички организации (на пример - Јакобинци), а во нив исто така се започнати и првите радикални весници на тоа време, како "Pere Duchene" и "L' ami du peuple". Токму затоа во текот на подоцнежните години и децении, кафаните биле први на списокот на установи кои реакционерните режими сакале да ги затворат. Меѓутоа во текот на втората половина на 19-от век, бројот на кафаните во сите европски градови сепак бил во постојан раст и кафаната како установа станува дел од јавниот живот.
Во текот на 19-от век, оваа граѓанска јавна сфера се развила во она што денеска вообичаено се нарекува граѓанско општество. Во таа смисла може да се каже дека кафаната е во самиот темел на граѓанското општество. Организацијата на граѓанското општество како сцена за своето делување и за свое седиште често пати ги имало кафаните и другите слични јавни простори. Но, исто така, меѓу првите организации на граѓанското општество се јавуваат во форма на здруженија за забрана на алкохолот и подобрување на јавното здравје, кои воделе непрестајна борба против кафулињата, салоните и клубовите.
Со минување на времето, кое го обележуваат грандиозен економски развој и се поголема политичка институционализација на граѓанскиот слој, во јавноста се појавува нова клас (пролетеријат) која исто така го открива јавниот простор на кафаната и нејзините можности. За четвртиот сталеж, кафаната во текот на втората половина на 19-от век служи во иста функција како што имаше и за третиот сталеж пред повеќе децении. Оттаму, како што тоа му се чини на Хабермас, може да се зборува за создавање на пролетерска јавна сфера, чиј врв во развојот е достигнат пред самиот почеток на Првата светска војна, кога во својот врв беа политичката свест и самодовербата на работниците, како и бројот на кафани. Иако институционализацијата на работничкото движење и работничката класа во целост, во овој период веќе беа во поодмината фаза, што овозможи дел од јавните активности да се префрлат од кафаните во други установи, кафаните и понатаму остануваат еден од центрите на јавниот живот на пролетеријатот. Нема сомнеж, кафаната била мајка на граѓанското општество и колевка (на сè уште) неостварената пролетерска револуција.
- Кафана, извор и притока: А сè започна крајно срамежливо, со ритуално пиење вино и пиво во таверните. Секако, резервирани само за мажите. Има ли нешто поубаво од тоа да се пие и подждригнува во друштво на другарите, додека силните и испотени машки тела, другарски се допираат на масата, па уште ако сето тоа заврши и со незадолжително, но пијано и другарски-испотено борење на калливиот под на кафаната... Пуу, милина! Затоа на жените не им било местото во кафаните. Самото присуство на жени во ваков амбиент, би внело некоја валкана, сексуална компонента. Меѓутоа, не е оваа провокативност на женското друштво вистинска причина за исклучување на жените од кафаната. Вистинската причина е загриженоста за женското здравје и космичкиот баланс. Едноставно е: жена која пие алкохол, и уште тоа го прави на јавно место, може да се претвори во маж! Европа во овој период била преполна со доктори кои тврделе дека жените кои пијат алкохол ризикуваат да им пораснат пениси. Навистина никогаш не виделе такво нешто, но едно е сигурно: подобро да се спречи отколку да се лечи.
Подоцна целата приказна се променила, напуштајќи ја филозофијата и фокусирајќи се на моралот: кафаната е јавно место и со самото тоа е наменета за мажите. За жените е наменет приватниот простор и затоа немаат што да бараат во јавната сфера. Секоја жена која времето го минува во јавна установа, како што е кафана, а не е поврзана со нејзината работа, тогаш е јавна женска (проститутка). Меѓутоа, од Француската револуција, и овој однос на работите се расипа, а со политичкиот и економскиот развој што следувал, посебно со растот на бројот на пролетери, конечно и се променил.
На ширењето на кафанската култура влијаеле неколку различни и делумно поврзани општествени процеси, меѓу кои на прво место се наоѓа индустрискиот развој на европските држави. Индустрискиот развој е тој што го унапредил процесот на производство, складирање и дистрибуција на алкохол, индустрискиот развој е тој што на направил алкохолот евтин, на крајот од краиштата, индустрискиот развој повторно бил тој, што донел и армија на потрошувачи за ова ново - старо средство за уживање - работничката класа. Со други зборови, индустрискиот развој (читај капитализам) го створил потрошувачот и производот за потрошувачка. Останатото, како што се вели, е историја...
Значи, равенката за добивање на работникот била едноставна. Создавањето на навика на пиење во јавната сфера бил следниот чекор, чија реализација исто така не била кој знае колку комплицирана, бидејќи оваа навика е поврзана со невозможни услови за живеење, кои доведувале до популарната појава на бегање во кафана. Сето ова прекрасно се поклопило со веќе споменатото масовно производство на евтина дестилирана пијачка, далеку попристапна од пиво и посебно вино. По ова започнува со масовно начукување со "брља". А господар во ова царство на шпиритусот, како што доликува бил зелениот демон или зелената вила, како што го викале нагалено - господин апсинт, чие благотворно влијание на духовноста и здравјето на луѓето во втората половина од 19-от век прекрасно ја имаат овековечено бројни современици. Во убавиот период (1900-1914) кафаната станала епицентар на општествениот живот во права смисла на зборот. Едноставно секое случување започнува во кафана и се враќало во кафана, што посебно се однесува на сите врсти на пиздарии. Бидејќи од кафана анархистот Бреши тргна со револвер да му честита јубилеј на италијанскиот крал, од кафана во пуч тргнаа и Апис и екипата, а и Гаврило Принцип оној ден седеше во кафана.
Кафаните играат важна улога во јавниот живот и во текот на меѓу воениот период (1918-1939). Голем број јавни активности и понатаму се одвиваат во нив. Во кафаните се одржуваат состаноци на редакции и разни здруженија, конгреси на партии и спортски друштва, до предавања по филозофија. Во кафаните сите заседаваат, од масонски ложи и клубови на риболовци, до астролошки ординации и сојузи на ветерани. Во кафаните се пишуваат и по прв пат јавно се читаат идните книжевни класици, баш како што се преставуваат и најновите технолошки достигнувања (филмови и радио). Кафаните се простор во кој настануваат и се собираат новите општествени и политички движења (комунисти, фашисти), кои неретко се обидуваат и директно од кафаната да дојдат на власт. И додека под налетот на економската криза сите режими паѓаат како кули од карти, кафаните се покажуваат имуни на големата депресија. Исто така, во кафаните обичните луѓе дознаа дека Европа влегла во уште една феноменална војна. Неколку години подоцна, истите тие луѓе, или барем оној дел од нив што преживеа, со серија начукувања го одбележаа крајот на овој мачен судир.
По војната, кафаните претставуваат први центри на обновениот општествен живот. Во нив, со големо внимание се следи првата повоена Олимпијада, на нејзините маси се прославуваат успесите во обновата и изградбата (во првата петолетка и Маршаловиот план), но и разговори за тоа што би можела да значи револуцијата на Информбирото. И тоа, најчесто беше лебедовата песна на кафаната. За волја на вистината тоа повеќе важеше за трулиот Запад отколку за напредниот Исток, меѓутоа никој во целост не го избегна. Повоената потрошувачка култура на Западот и нејзината кутра и секогаш во доцнење верзија од Истокот, со масовниот туризам, изградбата на сè поголеми станови, телевизори и автомобили, а потоа и со компјутер и интернет, де факто ја уништија јавната сфера и културата на кафулињата.
И не е важно дали ова е нешто добро или лошо, треба ли за тоа да се жали или тоа да се слави. Ако ништо друго, можеби сето ова што е речено и не важи за нас. Бидејќи со некој среќен сплет на околности, можеме да заклучиме дека сето претходно речено, всушност, е најобично срање. Политиката и економијата, тука се уште се водат во кафана, или барем на кафански начин, без разлика дали е во прашање заебавање на гласачите, што и не е така тешко, или лажење на делегацијата на ММФ, што веќе е предизвик. За културата, инвестирањето во научната дејност или одржливиот развој речиси и да не се зборува – не постои нешто што мешаното месо, две пива и три дупли вињаци, не можат да го решат! Создавањето на овој текст, на пример, е уште една потврда на оваа теза. И затоа, драги мои, на здравје!
****
Види и: