Басара: Писател меѓу два избора

Сите повеќепартиски избори, барем на хартија и на плакати, беа „историски“ (какви ли се неисториските?), „судбоносни“ и „пресвртни“, но (евентуалниот) писател меѓу два избори, штом навлезе во материјалот, ќе биде поразен од сознанието дека ништ не беше историско, ништо судбоносно, ништо револуционерно на ниту еден од тие избори.

На почетокот на мојата книжевна кариера, таканаречените писатели меѓу двете војни беа еталон, стандард, поим за златното доба на српската литература. За чудо, тој еталон не беше брат на „златното доба на српската демократија“ - значи, прдежи и лажен мит - туку гол литературно-историски факт.

Писатели меѓу двете војни беа - да наведам само неколкумина - Андриќ, Црњански, Ќопиќ, Растко Петровиќ и многу други на кои повоените писатели ни до колена не им стигнуваа.

Можете сега да ја замислите мојата радост и како си удирам со шепињата во гради од среќа кога во (мислам) 90-тите, големиот Брана Петровиќ - кој имаше видено каде плови овој брод - ми рече:

„Брат, сите шанси се дека и ние ќе бидеме писатели меѓу двете војни, ајде во кафана и да залиеме.“ Заливме. И тоа обилно.

И факт, јас и Бранчило набрзо станавме писатели меѓу двете војни. А дали сме дофрлиле барем до половина од височината на древните писатели меѓу двете војни, за тоа нека суди книжевната историја, која чемрее на работ на постоењето.

Бидејќи генерацијата на писатели меѓу (досега) последните две војни веќе истекува, а во меѓувреме се случија разни чуда и покајанија, сметам дека книжевните теоретичари и историчарите - ако остане некој - треба да воведат нова книжевнo- историска класификација – „писатели меѓу два избора“.

Да бев помлад, како што не сум, можеби и јас би се фатил да пишувам  роман во кој 34-годишното стампедо на редовни и вонредни избори, почнувајќи од првите повеќепартиски избори, завршувајќи со најновите во Белград, ќе беше она што беше војната за Толстој во романот „Војна и Мир“, кој не е - како што мислат наивните - главната тема, туку лупа низ која се набљудуваат човечките драми.

Првиот проблем со кој би се сретнал писател на таков евентуален роман, по урнек на поетиката на „Војна и мир“ - во нашиот случај со работен наслов „Предизборно и постизборно“ - би било соочување со фактот дека во долготрајното изборно стампедо немаше никаква драма и сè се сведуваше на драмосерење.

Точно е дека сите повеќепартиски избори, барем на хартија и на плакати, беа „историски“ (какви ли се неисториските), „судбоносни“ и „пресвртни“, но (евентуалниот) писател меѓу два избори, штом навлезе во материјалот, ќе биде поразен од сознанието дека ништо не беше историско, ништо судбоносно, ништо револуционерно на ниту еден од тие избори. Освен - да не грешам душа - неколку скршеници на демонстрациите кои избивааа после секои избори каде што не се избираше ништо важно.

Одиме понатаму. Писателот меѓу двата избори - го чекам како настинат што чека сонце - сигурно ќе мора да го раскринка лажниот мит дека мнозинството во Србија сака еднопартиски систем, еден народ и еден лидер и да утврди - јас би му обезбедил интересен материјал - дека српското население всушност не сака никаков систем. Тоа што на популацијата ќе ѝ се падне некогаш еднопартиски а некогаш повеќепартиски е прашање на виша сила, читај: на детерминизам, а не е на слободен избор.

А зошто неслободните луѓе по дефиниција не можат да изберат ништо слободно, тоа е веќе тема за еден филозоф меѓу два избора, кого со нетрпение го очекувам.

Светислав Басара

14 јуни 2024 - 12:27