Арсенизми

Пред девет години почина големиот хрватски музичар, шансоњер и поет Арсен Дедиќ чија музика и поетика може, но и не мора да ви кликне на прва. Роден во Шибеник, растен на истата улица на која се растени и Мишо Ковач и Вице Вуков. Човек кој откако го прекориле што пак пие после ризичното но успешно пресадување црн дроб во Италија, има вратено: "Ме заболе, не е моја". 

Од книгата „Арсенизми - Арсен за себе и за другите“ на шибенскиот публицист Дарко Гулин во која се собрани Арсенови афоризми, изјави, цитати, стихови и анегдоти, и за него и оние кои тој ги раскажувал на други.

АРСЕНОВА АЗБУКА:

Арсен

Арсенот е лек или отров, зависно од тоа колку разумна количина од тоа се користи и на кој начин.

Болест

Претерано занимавање со себе создава болни.

Читатели

Сè помалку читатели, сè повеќе пишувачи.

Тато

Јас свирев флејта, братот кларинет а тато свиреше сè живо.

Дилетанти

Дилетантот не е свесен за проблемот. Нему му се чини дека сè може. Стручњаци за ништо, експерти за сè. Дилетантската страст е уништувачка.

Естрада

 

Нашата естрада не можам да ја гледам од толку самољубие. На естрадата ѝ ја откажувам претплатата, таа е второто лице на политиката.

Години

 

 

Треба безусловно да им се предадеш на годините.

 

Хауард Хјуз

Јас сум, драга моја, ист како него
ама од каде пари, од каде авион?
Без страв од молњи и искинато небо,
немоќен против клетки и амеби.

Јазик

Манипулација со јазикот е еден од условите за почнување војна.

Квази композитори

Денес секој може да се послужи со електорника, но тоа не значи дека е композитор.

Лупен Арсене

Со пониските го делев
својот господски плен,
Во мене се Арсен
Дедиќ и Лупен.

Луѓе

Нашите луѓе повеќе сакаат срце на жар отколку мозок со јајца. Мир за луѓето со лоша воља.

Музика

Популарната музика кај нас погрешно се вика забавна. Немојте бучава да ми продавате како енергија.

Народи

Малите народи рушат, големите надоградуваат.

Сонувачи

Ако еднаш пробудиш сонувач, еден свет ќе остане без својот владетел.

Шибеник

Шибеник и јас се сакаме јавно. Шибеник е мојот темел, Загреб мојата надградба.

Уметник

Ниеден вистински уметник не може да се помири со тоа битанги да му ги кројат условите за живот.

Роден крај

Државите се менуваат, родниот крај никој не може да го украде.

Жени

Јас изгледав толку лошо што жените сакаа да ме земат во заштита.

18 август 2024 - 10:48