Која е вашата песна за трчање?

Освен сериозните филозофски резерви кои ги предизвикува (од типот: чему тоа?), трчањето во себе има една вградена фабричка мана - што е досадно. Освен ако не трчате по топка или не бегате од лав. Викаат, музиката помагала и околу досадата и околу постигнувањето подобри резултати. И ете сега постои сервис кој ќе ви помогне да ја одберете вистинската песна додека трчате.

Идејата на Jog.fm е едноставна: треба да впишете за колку време трчате еден километар и потоа врз основа на тој податок ќе ви бидат понудени песни со соодветен BPM (beats per minute) кои одговараат на ритамот на вашето џогирање.

Генијално.

Кога го впишавме (по слободна проценка, инаку како би знаеле?) времето за кое ние би истрчале километар, очекувавме да ни биде понудена симфонија. Но, испадна дека во менито немаат песни подолги од 14 минути.

Штета. Вакви ентузијасти а ќе мора да скапуваме по ескалатори.

Ако сте заинтересирани, кликнете овде

1 април 2016 - 16:53