Виндоус 9 веројатно е скокнат заради мрзливи програмери

Кога сите го чекаа Виндос 9 (што е логично ако последниот ти е 8-ца), Микрософт го објави Виндоус 10. Официјално објаснување - премногу е добар. Неофицијално објаснување - од мрзливи програмери си патиме.

Наводно проблемот е во овие три линии код што го содржат еден куп програми за Виндоус (претежно програми кои не се направени од Микрософт):

if(version.StartsWith("Windows 9"))
{ /* 95 and 98 */
} else {

Во превод, постои лесен (и погрешен) начин да провериш која верзија на Виндоус ја има корисникот на твојата програма. За ова твојата програма треба да прочита само дел од името на оперативниот систем и да го идентификува. Па на пример се што почнува со Windows 9, најверојатно е или Windows 95 или Windows 98 (и сите нивни подверзии), кои не се разликуваат многу во архитектура или како работат.

Сето ова функционира се додека не се појави Windows 9 вистинска.

"Станува збор за Y2K тип на проблем, каде што програмерите не размислиле дека номенклатурата на Виндоус е можно да создаде уште една 'Windows 9x' верзија, или не сакале воопшто да се малтретираат да направат код што ќе го решава ова. Иако е само неподдржана теорија дека заради ова го менуваат името во Виндоус 10, постоењето на проблемот може да се потврди многу лесно," пишува Ерик Лимер за Гизмодо.

Во врска со оваа теорија, портпаролот на Микрософт дал класична корпоративна изјава која ниту потврдува, ниту негира:

"Виндоус 10 го носи Виндос во иднината и во нови начини за завршување на работите. Не се работи само за растечка промена на името, туку за Виндоус на кој ќе работат следните милијарда корисници."

Десетката треба да биде пуштена некаде кон крајот на 2015-та.

3 октомври 2014 - 12:12