Се работи за групата Лапсус (Lapsus$), која пред некое време се пофали дека ја има хакнато и Нвидиа. Тие споделија скриншотови кои покажуваат дека имаат околу 200 гигабајти украдени податоци, меѓу кои сорс-кодот за енкрипцијата и биометриското отклучување на Галакси.
Самсунг на прес-конференција ниту го потврди ниту го негираше идентитетот на хакерите, ни дали украле податоци поврзани со енкрипцијата и биометриката. Компанијата изјави дека никакви лични податоци што им припаѓале на вработени или муштерии не се украдени.
„Се случи безбедносен напад поврзан со одредени внатрешни компаниски податоци.
Според нашата првична анализа, нападот опфаќа и одреден сорс-код поврзан со функционирањето на Галакси уредите, но не вклучува лични информации на нашите муштерии или вработени. Во моментов не очекуваме тој да има какво било влијание врз нашиот бизнис и корисници,“ порачува Самсунг во соопштението.
Во случајот со Нвидиа, хакерската група Лапсус се обиде да ја уцени компанијата заканувајќи се дека ќе ги објави податоците на интернет доколку Нвидиа не го тргне ограничувањето за копање криптовалути на одредени графички картички. Наводно Лапсус цела недела имале пристап до мрежата не Нвидиа и собрале околу 1 терабајт податоци.