Шпигел доаѓа до документ кој личи на каталог на алатки кои АНТ одделот на НСА ги користел за непречено да се закачат на кој било компјутерски производ, од сервер до лаптоп или мобилен, без разлика каква заштита или фајрвол имало. Цената на производите е од 0 до 250.000 евра.
На пример во случај со фајрволот на Џунипер, АНТ ја користеле алатката "FEEDTROUGH." Малверот прави дупка во фајрволот на Џунипер и овозможува инсталирање на програми на НСА на компјутерите или серверите кои се во прашање. Благодарејќи на FEEDTROUGH, овие програми потоа "ги преживуваат и евентуалните рестартирања и софтверски надградби." На овој начин, владата на САД се осигурува дека има постојан пристап до компјутерската мрежа во која влегла. Во каталогот стои дека FEEDTROUGH бил инсталиран на повеќе платформи.
АНТ е специјалниот оддел во рамките на ТАО ( Tailored Access Operations) кој самиот по себе е специјален оддел на НСА за хакирање на компјутерски системи. Кога ТАО нешто не можеле да завршат, работата ја превземале АНТ.
Во ценовникот имало производи како кабел за монитор кој му дозволува на ТАО далечински да гледа што е прикажано на конкретниот екран за кој што е закачен (цена 30 долари). Ама имало ГСМ станица која ја копира работата на регуларна станица за мобилен и помага во прислушувањето на мобилните (цена 40.000 долари). Уреди за "прислушување" компјутери маскирани како УСБ стикови, кои можат незабележано да примаат и испраќаат податоци, се достапни по цена од 1 милион долари за 50 примероци.
АНТ не само што развивале хардвер за прислушување, тие исто така развиваат и софтвер за специјални задачи. Нивна главна цел е поставување на сопствен малвер во БИОС-от на уредот (софтверот кој се наоѓа на посебен чип на матичната плоча и прв се вчитува кога ќе се вклучи компјутерот).
Предноста на овој систем е што:
- заразениот компјутер или сервер ќе изгледа дека нормално функционира, а малверот ќе остане невидлив за кој било анти-вирус или друга безбедносна програма.
- Дури и да биде избришан, па и фрлен хард-дискот, софтверот на АНТ останува на конкретниот систем и ќе може да функционира по инсталирање на новиот хард-диск.
Во документите што ги има Шпигел не е наведено дали НСА во целата работа имала некаква помош од производителите и дали тие воопшто имале претстава за тоа.