Бојкотираниот Хуавеи лани направи речиси 100 милијарди долари

Кога во 2019 САД го отсече Хуавеи од пристапот до каква било американска / западна технологија и пазари, очекувањата беа дека за некоја година компанијата ќе ја снема од пазарот. 2023 Хуавеи ја заврши со продажба од 98,7 милијарди долари.

Приходите на Хуавеи во 2023 имаат раст од 9% главно во секторите смартфони и опрема за 5Г. Главниот напредок се должи на продажбата на Мејт 60 ПРО смартфонот, кој го содржи првиот 7-нанометарски чип Кирин 9000с, произведен во Кина со кинеска технологија.

Кинески 7-нанометарски чип беше незамисливо достигнување во 2019 кога беа воведени американските санкции против Кина и еден од столбовите на  американската технолошка надмоќност. До санкциите, речиси сите чипови за Хуавеи беа произведувани во Тајван.

По санкциите компанијата доби силна поддршка од домашните телекоми кои на Хуавеи му доделија скапи договори за 5Г и облак услуги.

Тие добија и финансирање од кинеската влада во вредност од 30 милијарди долари за отворање на мрежа фабрики за чипови кои би ја снабдувале домашната индустрија.

Во пораката за крајот на годината, првиот човек на Хуавеи, Кен Ху, порача дека компанијата следно ќе се фокусира на нови технологии како вештачка интелигенција.

 

5 јануари 2024 - 14:10