Се вика Емерсон Мнангагва, има 71 година и го викаат Крокодил, а неговите следбеници - следствено- се нарекуваат Лакоста.
Роден е во еден централен регион на Зимбабве и доаѓа од групацијата Каранга, најголемата групација во мнозинската заедница Шона. За Карангите крајно време е нивен човек да дојде на пол позиција која цели 27 години ја држи стариот Мугабе кој пак доаѓа од една друга, Зезуру групација.
„Тоа е многу суров човек, многу суров“, вели за Крокодилот еден воен ветеран од војната за независност кој долги години има работено со него. Друг функционер во владеачката партија ги прашува БиБиСи: „Вие мислите дека Мугабе е лош, но имате ли помислено дека оној кој ќе го наследи е бетер?
Многумина во Зимбабве ќе се сложат дека идниот лидер на земјата е човек со многу крв на рацете. Меѓу нив сигурно е опозициониот кандидат Блесинг Чебундо кој го победи Мнангагва на парламентарните избори во 2.000. Но истовремено е човек кој за влакно избегна смрт за време на кампањата, кога бил грабнат од младинските симпатизери на неговиот противник кои го полиле со бензин и само среќата го има спасено кога овие никако не успевале да запалат кибрит.
Исто како и Мугабе, Емерсон Мнангагва е од онаа каста која со децении ја монополизираше власта во Зимбабве само затоа што биле првоборци во војната за независност. Бил затворан и мачен од властите на Родезија а по независноста станува еден од најблиските и најдолготрајни соработници на Мугабе.
Долги години бил прв човек на националната безбедност, директно одговорен за тајната полиција на која на душа ѝ се ставаат илјадници жртви. И во упадот во Конго во кој зад наводната поддршка на тамошната влада се криеле пљачкашки мотиви (дијаманти, злато), и во граѓанската војна во 80-тите, кога под закана од оружје цивили биле терани да играат на свежите гробови на загинатите членови на нивните семејствата а и во неколкуте последни изборни турнуси кога опозицијата со насилство биваше ампутирана од трката за да се обезбеди континуитет на власта.
По професија е правник но воена обука има завршено во Египет и Кина каде што бил питомец на Пекиншкиот институт за идеологија на КПК.
Во Зимбабвме сите знаеле за амбицијата на Мнангагва да биде наследник на стариот Мугабе. А и метузалемот си има играно со неговите емоции, те поставувајќи го на највисоките места во власта, те сменувајќи го кога ќе процени дека „малиот“ претерува со амбициозноста.
Мнангагва повлече потег кога процени дека Мугабе сериозно има решено негов наследник да не биде тој туку неговата сопруга.
А Грејс Мугабе комплетно се вклопува во сликата за политичките елити во Зимбабве. За време на еден политички митинг во август, на Мнангагва му се слошува толку што морал итно да биде пренесен во Јужна Африка. Се раѓаат сомнежи дека бил затруен од конкурентската партиска струја која ја контролира Грејс. Подоцна се утврдува дека пред митингот, на Мнангагва му бил даден сладолед од фармата која е во сопственост на Грејс Мугабе.